Фудбалската судбина сакаше повторно да ги спои турски Фенербахче и украински Динамо Киев. Двете екипи на 20-ти и 27-ми јули одиграа два натпревари од кои подобар беше украинскиот претставник кој славеше среде Турција.
Првиот натпревар меѓу Динамо Киев и Фенербахче во второто квалификациско коло за Лига на шампиони, поради воениот конфликт во Украина, се одигра во полскиот град Лоѓ и заврши 0-0.
На реваншот во Истанбул пред околу 50.000 гледачи на „Шукру Сарачоглу“, Динамо Киев поведе во 57’ минута преку Виталиј Бујалски. Фенер израмни преку Атила Шалаи (замина во Брајтон) во 88’ минута и мечот отиде во продолженија.
А таму во 117’ минута со играч повеќе поради исклучениот Исмаел Јуксек од 53’ минута, Динамо поведе 1-2 преку Олександар Каравајев и тоа беше конечен резултат. При прослава на голот Каравајев ги закачна домашните навивачи симболизирајќи го грбот на ривалот Бешикташ, после што илјадници навивачи почнаа да скандираат „Владимир Путин“.
По овој скандал, претседателот на Фенербахче изјави дека немаат намера никому да се извинуваат по апелите од некои медиуми јавно да се извинат.
„Мислам дека беше скроз неадекватно и непотребно скандирање далеку од погледите на клубот, кое траеше 20-ина секунди и кое беше испровоцирано од претераната прослава на некои играчи на Динамо Киев после голот. Но што да правиме? Да им ги затнеме устите? Нема да се извинуваме на Украина“.
УЕФА го казни Фенербахче со 50.000 евра за „фрлање предмети и извикување провокативни пароли со навредлива природа“.
Тимот од Киев после во 3. коло беше поуспешен и од австриски Штурм Грац но во плејофот не можеше да се справи со пресилната Бенфика која ги победи 0:2 и 3:0 и го прати Динамо во Лига Европа. На денешната ждрепка во Истанбул пак се паднаа Фенербахче и Динамо Киев кои ќе играат во иста група од Лига Европа.
На првиот меч во Полска имало по неколку илјади навивачи на двата тима: