Горан Кипријановски Кипре веќе со години е еден од најпрепознатливите македонски навивачи. Тој оди на секое првенство каде учествува Македонија во фудбал, кошарка, ракомет, одбојка.
Но за да ја сфатите неговата пасија за спорт, треба да му влезете во домот кој му е претворен во навивачки музеј во кој има буквално сè од спортски реквизити.
Дресови, клупски знамиња, значки, билети, топки, шалови, труби, медали, автограми, фотографии со славни спортисти...
Спортот почнал да му влегува под кожа пред 40 години, од Светското фудбалско првенство 1982 кога имал само 7 години. Андон Дончевски живеел кај него во маало и го викал да гледа тренинзи на Вардар.
На 10 години извадил членска од Вардар и ги бодрел на фудбал, кошарка, ракомет и одбојка.
Откако се формираат спортските федерации во 1993-та, таргет му се националните спортови и така почнува да ја бодри Македонија во живо во квалификации и да патува на Светски и Европски првенства.
Бил и во Келн кога Вардар ги освои двете европски титули, како и на Фајнлфорот во Будимпешта на кој учествуваше ЖРК Вардар.
Богатството во неговиот навивач музеј е непроценливо откако ќе видите што држи дома и со кого успеал да се запознае.
Ја има мрежата од последниот натпревар на Вардар, одигран во југословенската лига, баскет од Литванија 2011 со автограми од кошаркарите кога завршивме четврти во Европа, одбојкарска топка со која Македонија на ЕП ја совлада Словенија во Љубљана.
Покрај со наши легендарни спортисти, Кипре имал можност да се слика и да разговара со Мишел Платини, Синиша Михајловиќ, Чиро Блажевиќ, Владе Дивац, Предраг Стојаковиќ, Дино Раѓа, Драган Ѓаиќ, Пикси па се до НБА легендата Лари Бирд, Боби Робсон, Бразилецот Роналдо, Ибрахимовиќ, Самуел Ето...
На поранешната претседателка на Хрватска и подарил знаменце од ФФМ, а се запознал и со мајката на Дражен Петровиќ. Тој и дал дрес од Македонија, а таа го почестила со книга и топка која била направена во чест на 50-от роденден на хрватскиот кошаркар.
Во 2004-та Кипре бил на НБА Ол стар по покана од менаџментот на Предраг Стојаковиќ. Каква легенда е овој човек. Од Франс Фудбал му биле дома, магазинот кој ја доделува Златната топка од 1956-та година.
Требале една и на него да му дадат. За најјак македонски навивач на сите времиња. Зевзекманија, браво за прилогов.