Македонските навивачи кои планираа да ја бодрат нашата репрезентација против Холандија нема да може да патуваат, затоа што Македонија сè уште е дел од земјите од кои забрануваат да се патува поради пандемијата.
Во листата на безбедни земји од Ковид 19 која е објавена на сајтот на холандската влада се Австралија, Кина, Израел, Нов Зеланд, Руанда, Сингапур, Јужна Кореја и Тајланд, кои важат за држави со низок ризик од зараза со коронавирус, како и неколку европски земји кои не се членки на ЕУ како Норвешка, Исланд, Швајцарија, Лихтенштајн, Монако, Андора, Сан Марино и Ватикан.
Тоа значи дека во следниве денови доколку Холанѓаните не ги разлабават мерките, Македонија на 21-ви против Холандија ќе може да има поддршка само од Македонци кои живеат во горенаведените земји.
„Во врска со претстојниот фудбалски натпревар помеѓу Македонија и Холандија, ве информираме дека забраната за патување во ЕУ за граѓани од трети држави (вклучувајќи ја и Македонија) е сѐ уште во сила. Може да патувате во Холандија само доколку спаѓате во една од категориите кои се изземени од забраната за патување“, стои во соопштението на холандската амбасада во Македонија.
Во Букурешт пак за сега останува на сила одлуката за 33% од капацитетот на националната арена која собира 55.000 гледачи и се очекува потврда или одбивање на одлуката за зголемување на бројот на фанови.
Билети за првиот натпревар на Македонија против Австрија кој се игра на 13-ти овие денови имаше во слободна продажба на сајтот на УЕФА.