Како е регулирана употребата на пиротехника во Норвешка и Данска?

Руската Дума (Госдума), долен дом на Федералното Собрание на Руска Федерација пред неколку дена и дефинитивно го изгласа предложениот закон за тн. навивачки ај-ди, идентификациска карта со која секој навивач ќе може да влезе на стадион. Навивачите бурно реагираат на репресија и наведуваат примери од Скандинавија и Германија.

Во делот од излагањето во одбрана на овој предложен закон, со кој практично гледачот пред да влезе на навивачка трибина ќе биде „соголен до гола кожа со име, презиме, матичен број, работно место и број на гаќи“, пратеникот Дмитриј Пирог од Путиновата партија на власт Единствена Русија (Пирог е поранешен светски шампион во бокс во верзијата WBO), рекол дека законот ги штити семејствата кои со деца одат на стадион а на децата од натпреварите ќе им останат сеќавања за цел живот. Но употребата на пиротехнички средства според него е опасна.

Го наведува и случајот од пред пар месеци кога околу 1.700 навивачи и симпатизери на ЦСКА Москва беа приведени (без да додаде дека беа малтретирани и 3 часа непотребно држени надвор на силен студ во Москва) поради употреба на пиротехнички средства на дербито со Зенит.

Но не е само Русија ригорозна кон употреба на пиротехника. Меѓународните чиновници од УЕФА и ФИФА и националните федерации во соработка со безбедносните служби редовно казнуваат, санкционираат за користење пиротехника на стадионите.

Но има и земји како скандинавските каде сето тоа е регулирано на пристоен начин. Пиротехниката е легализирана. Културно.

„Во 2015-та година норвешките навивачки групи имале 80 легални пиротехнички шоуа за време на натпреварите. Бројот на настрадани од нив е 0. Користењето бакљи може да биде опасно. И возење автомобил може да биде опасно. И алкохолот. И висината. Списокот може да продолжи бескрајно. Секој ден кога стануваме од постела ние сме опкружени со секакви видови ризици.

Зошто ние треба да учиме да се справуваме со овие ризици кога тие веќе се дел од нашиот живот. Нашата цел е да ги сведеме ризиците на минимум и да живееме на максимум. Казните не функционираат“, рекле во соопштение од Здружението на норвешки навивачи во одоговор на забраните од УЕФА.

Интересно норвешките навивачи се избориле за тоа легално да си користат пиротехника, да си палат бакљи, но мора да испочитуваат сериозна процедура.

На три дена пред мечот тие треба да симнат формулар кој го има на официјалниот сајт на Норвешката фудбалска федерација (NFF). Таму се објаснети сите правила за легална пиротехника и се доволно строги.

Во пријавата (официјално ја поднесува клубот кој има одговороен менаџер задолжен за употреба на пиротехника за време на натпреварите. Тој ја координира оваа пријава со челниците на навивачката група и потребно е да ја наведе точната количина и видот на пиротехника, да приложи фактури за нивно купување. Навивачката група мора да ги назначи имињата на сите кои ќе палат и мавтаат бакљи и да се осигураат дека тие лица ќе бидат трезни и свесни).

Претставникот на клубот мора да им упати инструкции на оние кои ќе користат пиротехника и да направи „пробен тест“ на час и половина пред мечот. Пиротехниката (бакљада) може да се пали само во три термини: пред судиската свирка за почеток, на полувреме и непосредно по крајот на мечот и тоа на посебно одредени места на трибините. Мора да се одржува безбедно растојание, оддалеченост меѓу оние кои ќе палат и другите гледачи. Сите навивачи во близина на пирошоуто мора да бидат однапред известени како би можеле на време да ги сменат своите места. Целата одговорност за можни инциденти е на клубот потписник на одобрението.

Последно, до воведувањето на карантинот во сезоната 2019-та (во Норвешка се игра по систем пролет-есен) федерациајта одобрила 140 барања за користење пиротехника, а легална пиротехника се палела на 58% натпревари од првенството и ниту еден човек на стадионите не бил повреден.

Норвешките навивачи сакаат уште поголема либерализација, да им се дозволи употреба на пиротехнички средства за време на натпреварите и да се ослободат од досадна бирократија. Но се противи локалната пожарникарска служба. Иницијативата за пиротехника во текот на целиот меч ја поддржуваат навивачки групи и некои клубови, па дури и претставници на федерацијата. И тоа на највисоко ниво.

Генералниот секретар на Норвешката фудбалска федерација, Пол Бјеркетвед е еден од оние кои се ЗА либерализација на пиротехника и користење во тек на цел натпревар. Но уште не постигнале договор со пожарникарите, полицијата и спасителните медицински служби.

„Јас не знам колку време ќе ни треба за да ја усвоиме реформава. Но ако сите страни ги консолидираат силите, задолжително ќе го добиеме ова. Ние треба да се погрижиме политичарите сериозно да размислат за ова прашање наместо само да ги одбиваат нашите предлози без никакво оправдување. Таквиот пристап е фрустрирачки“, рекол Бјеркетведт за норвешкиот тв канал Tv2.

А тренерот на познатиот норвешки клуб Валеренга Даг Ејлев Фагермо вели:

„Пиротехниката е важна за норвешкиот фудбал зошто создава атмосфера. Ако се ви е под контрола и не создава опасност за другите луѓе, просто е весело стварно. Тоа ви дава до знаење дека фудбалот се вратил после долги месеци карантин“.

Генералниот менаџер на најтрофејниот норвешки клуб и тамошен гигант Розенборг (или Русенборг како милувате), Туве Мо Дирхауг додава:

„Ние сме за пиротехника зошто нејзината употреба прави атмосфера. Но сметаме дека се треба да биде во контролиран облик за да се гарантира безбедност“.

ВО ГЕРМАНИЈА ИСТО СЕ ДИСКУТИРА ЗА ЛЕГАЛНА ПИРОТЕХНИКА, А ВО ДАНСКА СМИЛИЛЕ „ЛАДНИ БАКЉИ“

Норвешка не е единствена земја каде прашањето за легализација на пиротехниката не се само прости муабети. Во февруари 2020 година Германската фудбалска федерација (DFB) првпат во историјата дозволила легално користење бакљи на натпреварот од втората Бундеслига меѓу Хамбург и Карлсруе. Изборот на Хамбург како експеримент не е случаен зошто локалниот клуб во последните десет години е апсолутен лидер по казни за користење пиротехника од навивачите.

На дербито Хамбург - Сент Паули се палат најмногу бакљи од сите други германски стадиони. Трибините горат од почеток до крај. Во 2019-та година после дербито Хамбург - Сент Паули, двата клуба морале да платат по 90.000 односно 140.000 евра за користење пиротехника.

Но експериментот во Хамбург не поминал добро зошто десетина бакљи биле фрлени во страничните трибини пополнети со обични гледачи и симпатизери.

„Предметите беа сертифициарни од страна на Германскиот сојузен институт за истражување и испитување материјали (ВАМ). Беа слични на димни бомби кои се користат во театарски претстави. Целиот процес го надгледуваа редарите од клубот, пожарникари и пиротехничари. Добија и канти со песок“, го раскажал целиот настан дописникот на Дојче Веле.

Поради карантинтите експериментот бил одложен, но веќе во 2022 година користењето легална пиротехника ќе продолжи. Овојпат во елитната Бундеслига која за волја на вистината од 28 декември ќе се игра без гледачи поради ширење на вирусот.

Сенатот на град Берлин одлучил од Нова година да се дозволи употреба на пиротехника на натпреварите на Херта и Унион Берлин, пишува Bild.

Според член на сенатот во главниот град Никлас Шрадер, станува збор за користење „студена пиротехника“, односно бакљи чија температура на горење не преминува 200 степени.

„Тоа е единствена нормална можност да се реши проблемот. Ние сме должни да го декриминализираме тој вид на активности и да стекнеме максимална безбедност. Треба да сфатиме дека жестоките контроли и ловот на навивачи не можат да ја задржат цела пиротехника надвор од стадионите“, рекол Шрадер.

Инаку користење „студена пиротехника“ не е германски изум. Во 2016-та година данскиот клуб Брондби бил лидер по парични казни за користење пиротехника од навивачите меѓу сите скандинавски клуови. Тогаш решиле да инвестираат во производство, изработка на безопасни бакљи. Со помош на експертот за пиротехника Томи Кордсен во 2017-та година смислиле бакљи кои властите ги признале за безопасни за користење на фудбалски натпревари.

Но навивачите не биле задоволни. Безопасните бакљи многу слабо и бледо кореле и воопшто не димеле, така што навивачите брзо се вратиле на „мирисот кој многу го сакаат“, на нелегалните бакљи.

Доработката траела цели две години и во декември 2019-та на домашниот меч со Мидтјиланд, навивачите на Брондби конечно запалиле легални бакљи кои се по нивен ќејф.

 „Многу сме задоволни од резултатот“, рекол еден од водачите на навивачите на Брондби, Јохан Рајлер за клупскиот сајт. „Разликата меѓу оваа одобрена пиротехника и онаа нелегалната е јасно видлива, но би сакале надворешната разлика да биде малку приметна. И покрај фактот што ни се допадна денешното пирошоу (бакљада), ќе продолжиме да го усовршуваме производот заедно“.

Оваа технологија ги заинтересирала и Швеѓаните. Во Шведска исто така сакаат масовна употреба на пиротехника на стаидоните но имаат де факто сериозни забрани. Се водат дискусии за легализација на пиротехника со години.

Интересно кај нив, Шведската професионална фудбалска лига им дозволила на навивачите да палат бакљи, но постои јасно и важно предупредување - дозвола за тоа мора да даде полицијата. А тие се против и досега ниедно барање не е удоволено.

Има и контра примери. Во Белгија на пример пред стартот на сезоната 2021/2022 ги зголемиле казните кои биле и онака жестоки па така за користење бакља казната е 1.000 евра и двегодишна забрана за посета на стадиони. Употреба на друг вид пиротехника се казнува 500 евра и година дена забрана за посета на стадиони. 

КАКО Е КАЈ НАС?

Во Македонија скоро и самата помисла да запалиш пиротехника е казнива. Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној (пазете го ова) кој неовластено пука од огнено оружје или употребува пиротехнички средства.

На исто рамниште се ставени пукањето со пиштол и други огнени оружја и употребата на пиротехнички средства (бакљи, огномети, петарди и сл.).

22 декември 2021 - 12:19