Пред само една недела Левски во Купот на Бугарија ја совлада ЦСКА со 0:2 во првиот меч од полуфиналето (за 6 дена се игра реваншот), а синоќа „армејците“ иако водеа 2:0 после 9 минути игра во дерби од првенството, на крајот не ги собраа трите бода - дербито заврши 2:2.
Како и сите овосезонски средби, така и синоќешниот имаше неколку инциденти од кои најсериозен беше оној кога хулигани на Левски фрлиле бомба во тунелот од подтрибинскиот простор каде имало полицајци. По експлозијата парчиња од стаклото летнале во окото на една полицајка која веднаш била префрлена во болница.
Бугарските медиуми пишуваат дека стаклото спречило голема трагедија зошто ако не било тоа да ја амортизира бомбата, последиците ќе биле трагични.
Полицијата веднаш по инцидентот упаднала во Сектор Б каде традиционално стојат најверните навивачи на Левски и според снимките од камерите, привеле 20-ина навивачи кои се поврзуваат со целиот случај.
Во меѓувреме управата на Левски соопшти дека ја стопира продажбата на билети за претстојните домашни средби на клубот до објава на решението на Дисциплинската комисија на Бугарскиот фудбалски сојуз. Од бугарското МВР соопштија дека нивната припадничка е во добра состојба по сериозниот инцидент.
До крајот од бугарското првенство има уште 4 кола. Левски еднаш ќе игра во Купот како домаќин против ЦСКА и еднаш во првенството против Ботев Пловдив.
Во однос на тоа што се случуваше на теренот: Паднаа четири гола, два црвени и дури шест жолти картони. ЦСКА Софија поведе преку Каранга од пенал, Хенрике зголеми на 2-0 а во второто полувреме Левски израмни со головите на Горанов и Паулињо.
На табелата Лудогорец е прв, по долга борба се одлепи на +8 бода во однос на ЦСКА која е сигурно втора на крајот и ќе игра во квалификации за Лига Европа. Левски е четврт со 51 бод.