Во Рим пред синоќешниот меч од Лигата на шампионите меѓу Рома и ЦСКА настанал дефект во еден од ескалаторите кој страшно се забрзал во своето движење а на кој биле присутни многу луѓе кои тргнале кон „Олимпико“. Тоа се случило на станицата Repubblica.
Како што пишува италијанска La Repubblica, за тоа што ескалаторот неверојатно се забрзал при што се повредени многу луѓе, виновни се навивачите на ЦСКА Москва кои пијани скокале по средината на ескалаторот и тој наеднаш добил на забрзување.
Од рускиот конзулат во Рим соопштиле дека во римското метро со незгодни повреди се здобиле 30-ина лица од кои седуммина биле изнесени на носилки надвор од станицата во тешка состојба, петмина биле со повреди од средна тежина а 18 излегле сами од станицата затоа што имале полесни повреди.
„Изгледаше како крај на светот. Скалите од ескалаторот се забрзаа како излудени. Имаше дежурни од службите на градот и надлежните органи но им требаше повеќе минути за да сфатат што се случува“, рекол еден сведок на настанот за Repubblica.
Друг додава:
„Луѓето 10-12 минути лежеа без внимание од персоналот. Вработените во метрото не сторија ништо, ние им викавме, луѓе лежеа во крв, а тие ни викаа: „Знаеме, знаеме.“ Дојдоа полицајци со пендреци, не ја разбраа ситуацијата, почнаа да се дерат на италијански и да применуваат сила кон навивачите кои не беа на ескалаторот. После две до пет минути се појави Брза помош која почна да помага“.
На местото на настанот брзо се појавила и градоначалничката на Рим Вирџинија Раџи: „Сакаме објаснување за тоа што се случило и да им помогнеме на настраданите и нивните роднини“, рекла градоначалничката од редовите на движењето Пет ѕвезди.
Меѓу хулиганите Рома и ЦСКА во меѓувреме имало и тепачки низ градот во кои подебелиот крај го извлекле Русите од кои двајца биле избодени со нож но за среќа завршиле само со површински рани.
Тепачки се случиле пред мечот во еден бар во реонот Foro Italico каде традиционално се собираат тифози на Рома. Полицијата уапсила 7 руски државјани (на двајца им нашле ножеви и петарди а другите поради нарушување јавен ред и мир и предизвикување нереди) и уапсила 15 навивачи на Рома.
Навивачите на Рома и на ЦСКА се судриле и кај мостот Duca D'Aosta близу Олимпико каде синоќа Рома го победи гостинот од Москва со 3:0.