Германецот Бени и е верен на Македонија и во Краков

Дечкото бил на 116 фудбалски натпревари на Германија, но повеќе не ја бодри. Шетан е во 67 земји и се заљубува во Македонија и нашите навивачи, ги учи песните и редовно оди на гостувања. Почна со  фудбалски, а од лани го има и на ракометни. Каков лик.

За Германецот Бени кој живее во Штутгарт, пишувавме летото 2021-ва кога наш навивач ни раскажа како им се уфрлил во фан зона за време на Европското во фудбал. Германија му играше дома во група со Португалија и Франција, а тој реши да патува во Букурешт за да ја бодри Македонија.

„Германските навивачи се театарска публика, јас бев во Македонија на одмор и ја засакав. Вашите фанови се многу ватрени и затоа дојдов овде“, им рече Бени на нашите навивачи од кои почна да ги учи „Зига зага Македонија“ и „Излези момче“ и да се слика со знакот на обединета Македонија.

Букурешт не му е единствена дестинација за да ја бодри Македонија. Бил и во Вадуц на мечот Лихтенштајн - Македонија и во Скопје за мечот Македонија - Германија и тоа со македонски дрес.

„И на овој ден навивав со цело срце само за Македонија. Се видов во Скопје и со моите стари, германски фудбалски пријатели. И ми беше чудно, необично. Но, од 2016 година не навивам за Германија, не гледам кога игра ниту на телевизија, не ме интересира ништо“, раскажува Бени за факултети.мк

Патувањето во Краков му е второ ракометно доживување на кое игра нашата репрезентација. Бил и минатиот јануари во Дебрецин каде ги играме натпреварите од Европското.

Како почнал да навива за Македонија?

„Ги купив билетите за Европското првенство во фудбал на почетокот на 2019 година за Букурешт. Не беше сигурно кои екипи ќе играат таму. Една година подоцна, откако видов дека таму ќе играат Украина, Македонија и Австрија, бев сигурен дека оваа група не е интересна. На крајот, она што го видов беше сосема спротивно од моите претпоставки. Всушност, бев сведок на една од најголемите поддршки од и со Македонците. Македонските навивачи ме воодушевија. Тоа не се опишува. Навистина посебно чувство. Така се приврзав за Македонија. Така почна сѐ“.

Инаку почнал да ја учи и македонската химна.

Нашата сторија за Бени тука, а сторијата на факултети.мк овде.

16 јануари 2023 - 14:30