Дерби за кое Рим застанува на 90 минути

Претстојниов викенд, на 2 март во сабота ќе се игра 188 Derby della Capitale, дуелот на вечните ривали од вечниот град.

Првиот дуел меѓу Рома и Лацио се одиграл во 1929 година и славела „волчицата“ со 1-0 благодарение на гол на Родолфо Волк.

Ривалитетот меѓу овие два клуба е толку голем што тифозите понекогаш тврдат дека попрво би испаднале од лига, отколку да изгубат од непријателот или дека победата е послатка отколку да го победиш Јувентус во меч за скудето.

Во ’70-те години легендарниот шпиц на Лацио, Џорџо Кинаља побарал од своите соиграчи да ги запалат дресовите кои ги носеле кога изгубиле од Рома.

Или приказната за Серџо Петрели, фудбалер кој играл прво за Рома па за Лацио и кој пукал со пиштол од балкон, за да ги растера разулавените ултраси на Рома кои дошле пред хотелот да ги будат Лацијалите.

Ова дерби има и неколку трагични епизоди, како онаа во 1979 година кога навивачот на Лацио Винченцо Папарели бил убиен од ракета испалена од Јужната кон Северната трибина на Олимпико. Винченцо бил татко на две деца.

Од современата историја се памети голот на Сенад Лулиќ во 71’ минута од првото дерби во финале на Куп на Италија 2013 кога Лацијалите „душа им извадија“ на Романистите со паролата „Купот во фаца“. Или селфито на Франческо Тоти по голот прославен лудачки од навивачите.

Во сите меѓусебни дуели (188 на број): Лацио има 52 победи, Рома 71 со 64 нерешени. Тренерот на Рома Еузебио Ди Франческо уште нема пораз во дербито. Последен пат Лацио славеше со 3-1 во април 2017 година.

27 февруари 2019 - 14:44