Трилер завршница со триумфален крај на 2012 за МЗТ

Со тројката на Тодор Гечевски на 3 секунди до крајот, МЗТ Скопје го победи босанскиот клуб Широки со 71:72 и ја забележа 9-та победа во АБА лигата за успешен крај на 2012.

Кошаркарите на МЗТ имаа добар старт на натпреварот и доминираа во првата четвртина по која имаа водство од 8:22. Во втората четвртина домаќините се вратија во игра, но сепак МЗТ на полувремето си зачува предност од 9 поени.

Домашните кошаркари продолжија со добра игра во второто полувреме па во последната четвртина се влезе со резултат 49:49.

На 29 секунди до крајот Широки тргна во напад кој Шутало го круниса со поени за предност од 71:69 на 6 секунди до крајот, но искусниот Тодор Гечевски со тројка на 3 секунди до крајот го реши натпреварот и ги постави конечните 71:72.

Најдобар на паркетот беше Чековски со 21 поени, Гечервски постигна 15 и инаше 12 скокови, а Дамјан Стојановски реализираше 14 поени.

Со овој триумф МЗТ се искачи на 5-та позиција во АБА лигата и 2012-та година ја завршува со 9 победи и 6 порази.

23 декември 2012 - 19:01