Се роди ли новиот Дражен Петровиќ?

Во Хрватска велат дека е роден наследниот на Дражен Петровиќ. Се вика Тони Гарма, има 14 години, а на 12 држел просек од 44 поени по натпревар. На Цибона и дал импозантни 73 поени. Чудо од дете.

Што се случило после тој натпревар? Добил повик од Реал Мадрид, а на првиот меч блеснал со 46 поени.

Големата надеж на која Хрватите му залепија наследничка етикета на најлегендарното и најкултно кошаркарско име од нашиве простори, е роден на 21 мај 2010.

Игра на позиција бек шутер, а ги покрива и крилните позиции. Висок е 192 см и тргнал по патот по кои одеа познати хрватски асови во младинскиот погод на Реал Мадрид.

Бојан Богдановиќ (35) и Марко Томас (39) се дел од кошаркарите од оваа земја кои дел од своето кошаркарско образование го поминаа во кралскиот клуб, а сега рефлекторите се усмерени кон младиот Тони.

Вниманието кон себе го свртел кога на меч за играчи до 13 години, за екипата на Нови Загреб постигнал неверојатни 73 поени.

Дури и во конкуренција со постари од него, до 16 години, бележел настапи со по 25 поени, со дури седум тројки.

За да го убеди да дојде во Реал Мадрид, Марио Хезоња му испратил на Тони потпишан дрес со порака „Се надевам дека ќе дојдеш“.

И навистина, ако продолжи да напредува како досега, би било изненадување доколку Реал Мадрид не му даде шанса да игра за сениорскиот тим додека е во јуниорска конкуренција.

Таткото на Тони, Никола Гарма, кој исто така бил талентиран кошаркар, за време на преговорите со Реал Мадрид добил повици за син му и од други шпански гиганти како Барселона и Басконија.

Одлуката паднала на Реал Мадрид, каде се приклучил на 13 години, истата возраст на која Лука Дончиќ стана дел од младинскиот погод на кралевите. Дури и потсетува на него во стилот на игра. 

Како му оди таму? Веќе е водечки стрелец на сите 10 турнири на кој учествувал за Реал Мадрид. Скаутите го идентификувале како неверојатен талент, кој се очекува да стане играч од највисок степен.

Според НБА скаутите, тој е најперспективниот играч во Европа во неговата возрасна група и е на трето место во светот. Постигнува поени без напор од сите позиции и често изгледа како искусен играч, а не како дете од 14 години.

Тони не само што ги исполнил, туку и ги надминал сите очекувања. Листата на неговите достигнувања во Реал е импресивна. 

- МВП на фајналфорот во лигата.

- Најдобар стрелец на фајнлфорот.

- Најдобар стрелец на сите 40 лигашки натпревари.

- Прогласен за најдобар бек шутер на неговата генерација во Шпанија.

- Најдобар стрелец во Копа дел Реј, најпрестижниот турнир во светот до 14 години.

- Рекордни 57 поени во еден натпревар за само 20 минути.

- Водечки стрелец на сите 10 турнири на кои учествувал за Реал Мадрид.

- Прв играч кој постигнал над 1.500 поени во својата деби сезона во Реал Мадрид.

Тој е најмладиот играч во историјата кому му е понудено шпанско државјанство.

9 јануари 2025 - 09:25