Sugar Ray

Се пензионираше и најдобриот тројкаш на сите времиња во НБА

По Коби Брајант, Кевин Гарнет и Тим Данкан, уште една легенда која што ги одбележи претходните 20 години во НБА, реши да се повлече. Реј Ален замина во пензија.

После 19 години активно играње, се повлече Реј Ален, еден од најдобрите тројкаши на сите времиња. Ален во претходните две сезони немаше ангажман и реши да се поздрави со кошарката.

Ален беше петти пик во 1996. година а го потпиша Минесота Тимбервулвс која што направи голема грешка откако го трејдуваше во Милвоки Бакс за Стефон Марбери.

Репутацијата страшен кошаркар ја стекна во Сиетл Суперсоникс, а на врвот се искачи во зелениот дрес на Бостон Селтикс. Реј Ален, заедно со Пол Пирс и Кевин Гарнет важеа за едно од најмоќните триа во историјата на НБА. Заедно со нив ја освои и првата титула во НБА.

Последните две сезони од кариерата, ветеранот Ален ги мина во Мајами каде со Леброн Џејмс, Крис Бош и Двејн Вејд се закити со уште еден шампионски прстен. Со сигурност еден од неговите најславни потези во кариерата беше легендарната тројка за продолжение на шестиот меч од НБА финалето во 2013. година, после што Мајами славеше, се избори за седми меч и ја освои титулата.

Реј Ален е рекордер по бројот на дадени тројки во НБА. Од 7.429 обиди, Ален уфрлил неверојатни 2.974 што е импресивен учинок од 40%. Единствен кој во некое догледно време би можел да го стигне е Стеф Кари кој заостанува 1.300 тројки зад Ален.

Одлуката за повлекување, Реј Ален ја соопшти преку писмото на “13-годишниот јас“ на порталот "The Players Tribune" којшто важи за портал на кој познатите спортисти ги издвојуваат најголемите лекции кои ги изучиле во текот на кариерата.

Покрај фантастичниот и нереално добар шут, Реј Ален ќе се памети и по култната улога во филмот He Got Game на Спајк Ли, каде глумеше заедно со Дензел Вошингтон. Реј Ален десет пати беше биран за Ол-Стар мечот, стана шампион во шутирање тројки на Ол-Старот во 2001. година, а во скоро време може да очекуваме и повлекување на броевите кои тој ги носеше во кариерата, 20 и 34.

Последната сезона ја заврши со просек од 14,5 поени, 2,6 скока и 2,2 асистенции. Најефикасен беше во последната сезона во Сиетл 2006/2007 кога имаше маестрални 26,4 поени по натпревар. Во богатата колекција на трофеи, Ален има дури три златни медали со репрезентацијата на САД, меѓу кои една од Олимписките Игри 2000-та во Сиднеј.

Уживајте:

1 ноември 2016 - 16:51