Данило Галинари со 23 поени и Вил Бартон со 16 беа најзаслужни за осмата домашна победа на Денвер Нагетс, овој пат против лидерот на Истокот Атланта Хокс 115:102.
Нагетси водеа во текот на целиот натпревар, а гостинскиот тренер реши да не доживее убедлив пораз и во последната четвртина ги внесе првотимците кои направија серија 24-1 и го ублажија поразот.
Перо Антиќ се врати после незгодната повреда на зглобот и за нешто помалку од 20 минути уфрли шест поени (сите од слободни фрлања), но имаше 0-5 од игра и три скока. Најефикасен кај Јастребите беше Кајл Корвер со 18 поени, а Пол Милсап уфрли 12 со 5 скокови.
Фантастична партија одигра Крис Пол, кој на Оклахома ѝ даде 33 поени, со 4 скока и 9 асистенции. Синоќа повеќе од 30 поени дадоа само уште Арон Брукс од Чикаго и Крис Мидлтон од Милвоки.
Во директен дуел со Расел Вестбрук, Крис Пол на прав начин одговори на критиките од јавноста. Во триумфот на ЛА Клиперс, најголема поддршка имаше од Редик кој даде 25 поени (5-14 од игра) и од Мет Барнс кој запиша 22 поени.
Кај Тандер, најефикасен беше Ентони Мороу со 26 поени, а Расел Вестбрук додаде 24, со 9 скокови и 7 асистенции. Сепак, Вестбрукс синоќа имаше и дури 10 загубени топки.
Бостон Селтикс славеше над Мемфис Гризлис 95:92 и така ја прекинаа серијата од пет порази по ред. Бредли беше водечки стрелец кај „детелините" со 17 поени.
НБА резултати:
Шарлот - Сакраменто 106:113
Филаделфија - Чикаго 95:104
Бостон - Мемфис 95:92
Мајами - Бруклин 104:98
Милвоки - Орландо 97:91
Оклахома - ЛА Клиперс 108:120
Денвер - Атланта 115:102
Феникс - Минесота 106:97
Голден Стејт - Деториот 105:98
Портланд - Хјустон 105:100