Антиќ го победи Мекејлеб

Перо Антиќ го доби првиот дуел на македонските претставници во Евролигата. Со голем пресврт во последната четвртина, Олимпијакос славеше на гостувањето кај Монтепаски Сиена на Лестер Бо Мекејлеб и направи голем чекор кон пласманот на фајнал фор турнирот во Истанбул.

Антиќ натпреварот го започна од клупата и своето влегување во игра на две минути пред крајот на првата четвртина го одбележа со забивање за намалување на водството на Сиена на 19:18. На крајот од првата четвртина Монтепаски имаше водство од 26:21.

Олимпијакос направи пресврт на почетокот на втората четвртина и со поените на Антиќ дојде до водство (26:28). На пет минути пред крајот на периодот, при резултат 30:31, судиите незаслужено му досудија техничка грешка на Антиќ, по шту тренерот Ивковиќ реши да го одмори на клупа. Во продолжението Монтепаски повторно ја презеде контролата и на полувремето замина со предност од 48:42.

Еден од најзаслужните за водството на домаќините беше Бо Мекејлеб кој во првото полувреме постигна 13 поени.

Олимпијакос направи серија од 0:7 на стартот од второто полувреме и поведе со 48:49, но во продолжението Монтепаски со добра игра во одбраната ги искористи грешките на гостинските кошаркари и по третиот период имаше предност од 66:58.

Но во последната четвртина следеше целосен пресврт. Мотепаски имаше предност од 10 поени (68:58), но кошаркарите на Олимпијакос почнаа да ја топат разликата за на три минути пред крајот и да поведат со 72:73. На една минута пред крајот при резултат 73:79, Мекејлеб промаши две слободни фрлања, а во следниот напад не погоди и од обидот за три поени, што беше клучен момент на натпреварот. Олимпијакос оваа четвртина ја добија со 9:24 и на крајот победија со 75:82.

Мекејлеб натпреварот го заврши со 15 поени, 1 скок и 4 асистенции, а Антиќ за нешто помалку од 13 минути игра реализираше 4 поени и 4 скокови. Најефикасен на натпреварот беше Андерсен со 26 поени, а кај гостите се истакна Принтезис со 20 поени.

Следниот натпревар ќе се одигра во петок, исто така во Сиена. Сериите се играат во 3 добиени по систем 2-2-1.

ЕВРОЛИГА:

ЦСКА - Билбао 98:71
Монтепаски - Олимпијакос 75:82

вторник:
Барселона - УНИКС 78:66
Панатинаикос - Макаби 93:73