Перо Антиќ и Атланта Хокс до нов рекорд

Вечерта во НБА ја одбележи вториот пораз по ред на Голден Стејт, триумфот на Сан Антонио, како и градското дерби кое му припадна на Л.А. Клиперс. Расел Вестбрук ја губи трката за најдобар стрелец со Џејмс Харден.

Атланта Хокс ја оствари 58. победа сезонава, што е нов рекорд во клупската историја. Јастребите славеа против Феникс 96:69, а најефикасни кошаркари во триумфот беа ДеМар Керол и Џеф Тиг со по 16 поени. Мајк Мускала стартуваше наместо повредениот Пол Милсап и постигна одлични 16 поени, а два помалку имаше Ал Хорфорд.

За 12 минути активна игра, Перо Антиќ уфрли 7 поени, имаше 5 скокови и една асистенција. Кај Феникс, кој во вториот дел промаши дури 31 од 40 обиди од игра, Џералд Грин уфрли 15 поени, а Ерик Бледсо даде 9. Тоа беше најслабиот поентерски учинок за Феникс од 8. март 1981 година.

Антиќ изнуди техничка грешка од Ерик Бледсо, кој доби исклучување:

Интервјуто на Перо Антиќ после мечот. Се навикнал на долгата и напорна сезона:

Сан Антонио победи осми пат по ред, овој пат против Оклахома Тандер убедливо со 25 поени разлика, 113:88. Кога ветераните се чуваат за плејофот, повеќе простор му се укажува на Кавај Ленард, кој втор пат по ред постигнува личен поентерски рекорд во НБА.

Ленард уфрли 26 поени, Тим Данкан додаде 12 со 9 скокови и 4 блокади. 12 поени постигна и Италијанецот Белинели, а по 10 уфрлија Милс, Џинобили и Бејнс. Расел Вестбрук со 17 поени беше прв стрелец кај Тандер (не играше во последната четвртина).

Учинокот на Кавај Ленард:

ЛА Клиперс во 48 часа по втор пат го совлада Лејкерс, за вкупни 4:0 во победи сезонава. Грифин и Редик постигнаа по 27 поени за Клиперси, а кај „Езерџиите" талентираниот Џордан Кларксон даде 20 поени. Тарик Блек уфрли 16 поени.

Цепелинот на Крис Пол и Блејк Грифин:

ТОП 10 потези на вечерта во НБА:

НБА РЕЗУЛТАТИ:

Сакраменто – Минесота 116-111
ЛА Клиперс – ЛА Лејкерс 105-100
Њу Орлеанс – Голден стејт 103-100
Оклахома – Сан Антонио 88-113
Мајами – Шарлот 105-100
Атланта – Феникс 96-69