Пропадна и последната шанса за Македонија на Олимписките игри во Лондон да биде претставувана во еден екипен спорт. По ватерполистите и ракометарите, потфрлија и кошаркарите.
И покрај тоа што македонските кошаркари во првото полувреме имаа водство од 20 поени, на крајот загубија со 10 поени разлика. Ова може да и се случи само на Македонија!
По одличната игра на стартот, на крајот од првата четвртина имаве +13 (23:10), во втората четвртина направиме +20 (37:17), а на полувремето заминавме со предност од 41:28.
Во овој период за разлика од претходните натпревари, македонските кошаркари доминираа под кошевите, а нивниот најопасен играч, Ал Хорфорд беше сопрен на само два поени.
Но по неколку спорни одлуки на судиите, започнаа проблемите за нашите високи играчи, посебно капитенот Перо Антиќ кој поголемиот дел од натпреварот го преседе на клупата заради три крајно спорни фаули.
Во второто полувреме се разбудија и Доминиканците и ако за првите две четвртини примивме само 28 поени, во вторите две тие постигнаа 58! На моменти со помош од судиите, но и со помош на расположениот Гарсија, кошаркарите на Доминиканската Република не само што ја стопија огромната разлика, туку и го презедоа водството и на крајот славеа со 86:76.
Ниту 35-те поени на Лестер Бе Мекејлеб не беа доволни да се спречи поразот. Илиевски постигна 16, а одличниот Самарџиски реализираше 11 поени и 13 скока.
Кај Доминиканците се истакнаа Гарсија со 28, а Хорфорд и Рамон постигнаа по 14 поени.