Ози и Даниел Силна се двајца паметни браќа кои во 1976-та година биле газди на кошаркарскиот клуб од Сент Луис кој бил дел од АБА лигата. Таа година АБА лигата се споила со НБА лигата и екипите на Нагетс, Спарс, Пејсерс и Нетс веднаш прифатиле да преминат во НБА.
Сопствениците на Кентаки Колонелс и Сент Луис не сакале да се приклучат без компензација, па на Кентаки им исплатиле три милиони долари, а другите биле малку попаметни.
Ози и Даниел Силна се исценкале за компензација од 2,2 милиони долари, но и една седмина од парите кои ќе ги заработат екипите од АБА лигата при продажбата на ТВ правата во НБА лигата. И така за секоја следна година сè додека постои НБА лигата.
Само минатата година на овој основ браќата Силна заработиле 19 милиони долари, а проценките се дека за овој период од скоро четири децении, НБА лигата им има исплатено околу 300 милиони долари.
Сега браќата Силнас станаа полакоми и ја тужеа лигата барајќи им пари и за работи кои не ни постоеле во 1976-та, како на пример дел од парите од продажбата на ТВ правата во странство и за следењето на натпреварите преку интернет стримови.
Според медиумите од САД, НБА лигата и браќата Силнас се блиску до наоѓање на заеднички јазик. НБА ќе им исплати 500 милиони долари на браќата за да го раскинат договорот и да ја повлечат нивната последна тужба, но тие повторно нема да се откачат од нив целосно. Браќата ќе имаат уште еден мал дел од ТВ правата, но со опција за НБА да може да го откупи и тој дел во иднина.