Почнува НБА 2014/2015

Новата сезона нашиот Перо Антиќ ќе ја отвори на гостувањето кај Торонто на 29. октомври, а на полноќ се игра тексашкото дерби Сан Антонио - Далас.

Враќањето на Леброн Џејмс по 4 години во Кливленд, ќе го одбележи стартот на сезоната. За време на престојот во Мајами, Џејмс освои две титули, по што со неговиот повраток, покрај Сан Антонио, сега и Кавалиерс се меѓу фаворитите за титулата.

Вкупно 1230 натпревари ќе се одиграат во регуларната сезона, во која ќе настапат 30 франжизи на 82 средби. Сезоната започнува на 28-ми октомври и ќе трае до 16-ти април 2015. година.

31.700 поени постигна Коби Брајант во 18 сезони како играч на ЛА Лејкерс. Црната Мамба се врати по повредата на Ахиловата тетива, поради која пропушти голем дел од минатата сезона. По заминувањето на Поу Гасол во Чикаго и проблемите со 'рбетот на Стив Неш, целта на Коби и Лејкерс сезонава ќе биде Плејофот. Брајант ќе се обиде да го стигне и Џордан (32.292 коша) на вечната листа најдобри поентери.

89,34 милиони долари е вкупниот износ на плати за играчите на Бруклин Нетс, најбогатата франшиза во лигата. Сопственикот на Нетс, рускиот магнат Михаил Прохоров потроши вагони со пари за да го доведе Бруклин до титулата. Уште кога стана газда на Бруклин пред 5 години, Русинот ја постави целта, но екипата не стигна подалеку од конференциското 1/2 финале.

40 години и 262 дена има Стив Неш, најстариот играч во НБА лигата, но плејот на Лејкерс ќе пропушти поголем дел од сезоната, поради болки во грбот кои го однесоа на операција пред стартот. Од тој момент, Андре Милер од Вашингтон Визардс со 38 години и 222 дена го превзема приматот најстар играч во НБА. Милер е 37 дена постар од Тим Данкан.

Најмладиот играч во НБА сезонава ќе биде Бразилецот Бруно Кабокло, избран како 20-ти пик на драфтот од Торонто Репторс. Бразилецот е роден на 21. септември 1995-та година.

Со просек од 29 години, Спарс се најстарата франшиза во НБА. И покрај староста, Сан Антонио со Тим Данкан, Ману Џинобили и Тони Паркер, годинава е фаворит за одбрана на титулата.

100 коша е рекордот на еден натпревар. На 2. март 1962-та година, Вилт Чембрлејн како центар на ЛА Лејкерс го наполни кошот на Њујорк Никс. Најблизу до рекордот беше Коби Брајант, кога во 2006-та уфрли 81 поен против Торонто Репторс.

72 победи остварија Булси со Мајкл Џордан во сезоната 1995/1996-та. Со само 10 порази таа година, Чикаго го постави рекордот во една регуларна сезона во НБА. 33 победи по ред е рекордот кој го држи Лејкерс од сезоната 1971/1972-ра. Милвоки Бакс ја прекина рекордната серија на езерџиите, а лани Мајами Хит и Леброн Џејмс стигнаа до бројката 22 победи по ред.

Рекордот со најмногу асистенции на еден натпревар (33) го држи Скот Скајлс, кој лани беше тренер на Милвоки Бакс. Џејсон Кид годинава ќе ги води Бакси. 23,5 милиони долари ќе заработи Коби Брајант следнава сезона, со што ќе биде најплатениот играч во целата лига. Зад него е ветеранот Амаре Стадемаер кој за една година во Њујорк Никс ќе заработи 23,4 милиони долари.

Датумот на дерби дуелите како и целиот календар на НБА сезоната го имате тука.