Кошаркарите на МЗТ лошо го започнаа своето деби во Еврокупот и во првата четвртина имаа дури пет загубени топки и лоша реализација, но домаќините тоа не знаеа да го искористат за поголема предност и по првите десет минути водеа со 14:11.
На стартот од втората четвртина со поените на Марковски и Чековски, МЗТ направи серија од 7:0 и поведе со 14:18. Во овој дел од натпреварот проработе шутот на МЗТ и кошаркарите на нашиот шампион одиграа похрабро, па на полувремето се замина со израмнет резултат 33:33.
Израмнетата игра продолжи и во второто полувреме кога се играше кош за кош, а по мала резултатска криза на МЗТ, Рига во последната минута поведе со +6, но со тројките на Чековски и Костоски, нашиот шампион на истекот од третата четвртина израмни на 56:56.
Рига ја презеде контролата на стартот од последниот период и направи серија од 10:0 за 66:56. По црните три минути без поен, МЗТ се врати во игра со серија од 6:0, но тоа беше се што тие сторија на овој натпревар.
На крајот летонскиот шампион ВЕФ Рига славеше со 80:71.
Најефикасен во редовите на МЗТ беше Лучиќ со 15 поени, Костоски и Чековски постигнаа по 13, а Синовец 11 поени. На овој натпревар недостигаше учинокот на уморниот Гечевски кој постигна само 2 поени. Најдобар во победничкиот табор беше Бајрамовиќ со 22 поени, а Браун постигна 19.