МЗТ немаше сили за уште еден подвиг

Кошаркарите на МЗТ Скопје одиграа уште еден солиден натпревар против екипа од евролигашки ранг, но немаа сили за во листата на изненадени фаворити покрај имињата на Цибона, Унион Олимпија, Цедевита и Задар да го додадат и Партизан.

МЗТ тргна одлично и на стартот поведе со 0:6, а потоа и 2:9, но потоа следеше серија на кошаркарите на Партизан и на крајот од првата четвртина водеа со 15:12.

Кошаркарите на МЗТ цели 7 минути не постигнаа поени и кон средината на вториот период Партизан поведе и со двоцифрена предност (22:12), но до крајот на првото полувеме нашиот кошаркарски шампион успеа да намали на негатива од само 4 разлика (29:25).

На почетокот на второто полувреме Гечевски ја заработи и 4-та лична грешка, но МЗТ и без него успеа да ја стопи разликата и во 27-та минута стигнаа до 42:41. Сепак кошаркарите на Партизан го засилија темпото и искористија неколку грешки на МЗТ и се вратија во двоцифрена предност од 54:44.

Во првите неколку минути од последната четвртина МЗТ повторно не постигна поени, па Партизан ја направи и најголемата разлика од +18 (62:44), но до крајот славеа со 68:58.

Единствен со двоцифрен број на поени во екипата на МЗТ беше Дамјан Стојановски со 15 поени.

Следниот викенд МЗТ во Скопје ќе ја пречека екипата на Крка.

9 декември 2012 - 20:56