Од моментот кога реши патиките да ги закачи за шајка на ѕид поминаа 14 години, а од прославата на неговиот последен шампионски трофеј поминаа 19 години.
За сите овие години, новинарите, експертите и тренерите рудареа да најдат негов наследник, но освен Коби Брајант кој се сметаше за некаква достојна замена и Леброн Џејмс за кого многумина креваат раменици, прав наследник на “Летечкиот“ не е најден (или роден како сакате).
Мајкл Џордан е роден на 17. февруари 1963 година во Бруклин, Њујорк.
За овие 19 години од неговиот последен трофеј израсна една генерација која што неговите ремек-дела со топката ги знае од видеата со него. Ем-Џеј во кариерата стана: Универзитетски шампион, двократен олимписки првак, шест пати НБА шампион, МВП на финалните средби, 10 пати беше најдобар стрелец во лигата, а дури 5 пати го бираа за МВП на регуларниот дел на сезоната.
Мајкл од кошарката се збогува со просек во кариерата од 30,1 поен во средбите од регуларниот дел и 33,5 поени во плејофот. Во неговата “лична карта“ стои и дека одиграл вкупно 179 натпревари во плејофот а на секој од нив дал барем по 15 понени.
Како ретко кој, Џордан е човекот кој може да биде горд на двоцифрен број на поени на дури 866 средби по ред во лигашкиот дел од сезоната. Беше најзаслужен што Чикаго Булс во сите шест шампионски сезони никогаш немале серија од три порази.
Можеби најголем потег во неговата кариера беше оној убиствениот во неизвесната шеста средба од финалето на плејофот 1998-ма против Јута Џез во нивна сала. Само неколку месеци после тој планетарно популарен потег, Џордан објави дека се повлекува, но во 2001 година се врати и одигра уште две сезони за Вашингтон Визардс.
“Летечкиот Мајк“ беше инспирација за брендот патики „Ер Џордан“ на Најк со легендарниот логотип човек којшто лебди во воздух со раширени нозе и топка во рака. За големината на овој бренд говори и податокот дека во 2014-та и 2015-та се продадени осум пати повеќе патики со логотипот на Џордан отколку на моделот кој го рекламира Леброн Џејмс.
Овие вртоглави бројки го направија Мајкл најбогатиот Афроамериканец на денешницата. Пред него само е легендарната Опра Винфри. Богатството кое го поседува му овозможи на Џордан да стане најпрвин ко-сопственик а од 2010 и мнозински сопственик на Шарлот Хорнетс.