ЛА Лејкерси загубија од Клиперси со 120:97, но она што повеќе боли од поразот од комшиите е фактот што оваа генерација го допре дното во клупската историја.
Ова беше 52-ри пораз за Лејкерси оваа сезона со што тие го израмнија црниот клупски рекорд од сезоната 1974/75 за најмногу порази во една сезона.
За Лејкерси тоа беше трет пораз од Клиперси оваа сезона, откако во јануари загубија со 36 поени разлика, а во март поставија уште еден црн клупски рекорд со поразот од 48 разлика.
Овој натпревар тие го започнаа само со девет здрави кошаркари откако се повредија Коби Брајант, Гасол, Хенри, Неш, Кејман и Фармар. Во втората четвртина се повреди Бејзмор, а во последната четвртина натпреварот заради повреда го напушти и Јанг.
Според начинот на кој што Лејкерси ја започнаа оваа сезона со бројните повреди, само прашање на време е кога тие и официјално ќе станат најлоша генерација во историјата на клубот. До крајот на сезоната има уште пет натпревари и скоро е неверојатно дека тие ќе успеат да забележат исто толку победи и да го избегнат црниот рекорд.