Лејкерс на чекор од прва титула после 10 години

Кошаркарите на ЛА Лејкерс ја вратија комфорната предност во големото финале на НБА против Мајами, откако синоќа го совладаа Хит со 102:96 и сега имаат 3-1. Во драматична завршница, Ентони Дејвис им пресуди на ривалите со далечна тројка.

Џими Батлер не можеше да направи две чуда по ред. Откако еднаш сам ги победи Лејкерс, синоќа фаворитот за титулата беше појак и го возврати ударот. Интересно, Батлер имаше шанса на 3 минути пред крајот да му донесе предност на Мајами, фати една топка по промашување на Леброн, тргна по аут линијата кон противничкиот кош, проба за три поени но промаши.

После неколку секунди топката дојде кошаркар на Лејкерс, „езерџиите“ реализираа во финишот и отидоа на +5 што се испостави како доволна предност да се одлепат резултатски.

Двата тима почнаа многу борбено и влегуваа во цврсти дуели на раб на прекршок. Се играше резултатски тесно до крајот од првата четвртина а Лејкерс потоа почна да презема доминација но осетно не се одлепи дури до финишот.

Мајами и на овој меч играше без еден од своите лидери, Горан Драгиќ кој буквално се расплака на клупата за резерви што не може да им помогне на соиграчите. Драгиќ се повреди во првата четвртина на првиот меч од серијата и ги пропушти сите средби после тоа:

Шутот за три поени не е најсилна страна на Џими Батлер, тоа го покажа уште и на минатиот меч кога од своите неверојатни 40 поени и трипл дабл, ниту еднаш не шутна за три.

Синоќа во тимот го имаше повратникот Бем Адебајо кој требаше да го растерети Батлер, па Џими постигна 22 поени со 9 скока. Повеќе не можеше. Одбраната на Лејкерс синоќа беше најдобра во сезоната.

ИГРАЧ НА МЕЧОТ ЕНТОНИ ДЕЈВИС

Тројката која што ја постигна Дејвис на 39,5 секунди пред крајот го реши мечот зошто Лејкерс се одлепи на +9.

Најзаслужни за триумфот на ЛАЛ беа Леброн Џејмс со 28 поени, 12 скока, 8 асистенции но и 6 загубени топки, како и Ентони Дејвис кој постигна 22 поени со 9 скока и 4 блокади од кои неколку во клучни моменти кога резултатот се кршеше.

Важна улога одигра и Колдвел-Поуп со 15 поени, Грин имаше 10, Кузма 9, Морис 9 и Карузо 7. Кај поразениот Мајами, Батлер имаше 22 поени, 10 скока и 9 асистенции, Тајлер Хиро 21 поен, Данкан Робинсон 17, а повратникот Адебајо 15.

Следниот натпревар, кога ЛА Лејкерс ќе игра за освојување на 17. титула во својата историја а Мајами да остане во игра, на програмата е во ноќта меѓу петок и сабота во 3 часот после полноќ.