Конечно Македонец во финалето на Евролигата!

Капитенот Перо Антиќ е првиот Македонец кој ќе игра на финалето од фајнал-фор турнирот на Евролигата откако Олимпијакос ја изненади Барселона и за европскиот трон ќе се бори против ЦСКА Москва.

Олимпијакос имаше одличен старт на натпреварот и поведе со 8:0 со тројките на Спанулис и Манцарис и положувањето на Антиќ. Барселона се врати во игра и намали, а по првата четвртина Олимпијакос водеше со 17:11.

Екипата на Олимпијакос се задржа во водство се до четири минути пред крајот на полувремето кога Барселона израмни, а следната минути тие за прв пат дојдоа и до водство (26:27). Но нивното водство траеше само неколку секунди, па на паузата Олимпијакос замина со предност од 33:29.

Кошаркарите од Атина го одржуваа водството, но Барселона не дозволи тие премногу да се одвојат и во последната четвртина се влезе со предност на Олимпијакос од 50:47.

Во последниот период се играше „кош за кош", а клучна беше тројката на Принтезис на три и пол минути до крајот по што Олимпијакос се одвои на +7 (63:56). На една минута ди крајот Барселона намали на 63:61, но тоа беше се што тие сторија и Олимпијакос на крајот славеше со 68:64.

Најефикасни кај Олимпијакос беа Спанулис со 21 и Принтезис со 14 поени, а Наваро со 16 поени беше единствен на висината на задачата во редовите на Барселона.

Перо Антиќ одигра 18 минути за кои имаше учинок од 4 поени, 2 скока и 1 блокада, но тој беше клучната алка во одбраната на Олимпијакос и една од причините што Барселона постигна само 64 поени.

Во финалето на фајнал-фор турнирот на кошаркарската Евролига, екипата на Олимпијакос во недела во 20 часот ќе се сретне со ЦСКА Москва откако на првото полуфинале тие го совладаа Панатинаикос.

11 мај 2012 - 21:59