Полуфиналната драма за ЦСКА Москва

ЦСКА Москва и Панатинаикос одиграа фантастичен полуфинален натпревар по кој рускиот тим го елиминираше актуелниот шампион и се пласираше во финалето на кошаркарската Евролига.

Првото полуфинале од Евролигата го потврди тврдењето на Кириленко кој изјави дека четирите учесници на годинешната завршница без проблеми можат да настапуваат во плеј-офот на НБА лигата.

Кошаркарите на Панатинаикос имаа фуриозен старт на натпреварот и дојдоа до двоцифрена предност по само четири минути игра (4:14), а на крајот од првата четвртина водеа со 15:29.

Меѓутоа втората четвртина имаше комплетно друга слика. Се до последната минута од вториот дел, Панатинаикос постигна само три поени и со серија од 13:0 ЦСКА израмни на 32:32, а на полувремето се замина со резултатот 32:34.

Во оваа четвртина ЦСКА прими само пет поени што претставува нов дефанзивен рекорд на фајнал-фор турнирите.

Третата четвртина донесе уште поквалитетна кошарка, а за прв пат на натпреварот поведе ЦСКА, но во финишот на четвртината Панатинаикос повторно ги зема работите во свои раце и дојде до +4 (51:55).

Актерите на паркетот во последната четвртина приредија вистинска драма. Најпрво ЦСКА со серија од 7:0 повторно дојде до водство, но со поените на Јасикевичиус, Панатинаикос повторно се врати на +4.

На 21 секунда до крајот со серија од 6:0, ЦСКА поведе со 66:64. На девет секунди до крајот Теодосиќ пропушти шанса да го реши победникот и промаши две слободни фрлања, но на спротивната страна Панатинаикос не ги искористи последните секунди и се откажа од тронот.

Најефикасен кај ЦСКА беше Андреј Кириленко кој постигна 17 поени, а се истакнаа и Швед со 15 и Теодосиќ со 12 поени. Кај Панатинаикос најефикасен беше Шарунас Јасикевичиус со 19 поени.

11 мај 2012 - 19:27