10 месеци од неговиот последен натпревар, Коби Брајант се врати на паркетот после повредата, но Лејкерс загубија од Голден Стејт 120:105. „Црната Мамба" уфрли 15 коша за 23 минути, а имаше и 3 украдени топки. Вориорси до триумфот стигнаа предводени од освојувачите на златото со САД на СП, Клеј Томпсон (25 коша) и Стифен Кари (20).
Тоа беше прв натпревар за Брајант, по тешката повреда на тетивата која што ја доживеа во декември минатата година, кога одигра само 6 средби.
Во вториот натпревар вчера, Детроит Пистонс со 94:80 славеше против Милвоки Бакс. Кентавиус Колдвел-Поуп уфрли 20 коша, а дабл-дабл учинок имаше Андре Драмонд со 15 поени и 16 скока. Кај Бакси, Крис Мидлтон уфрли 13 коша.
Хјустон уште еднаш ја потврди добрата форма, овој пат во нивниот „Тојота Центар", против Мемфис Гризлис (113:93). Двајт Хауард не настапи поради повреда, па главна улога имаше Џејмс Харден со 21 поен. Во последниот натпревар доцна синоќа, Јута Џез го победи Портланд 109:105. Енес Кантер стигна до дабл-дабл со 16 коша и 10 скока. Кај „блејзерс", ЛаМаркус Олдриџ беше најефикасен со 22 поени.
Подготвителни натпревари НБА:
Детроит-Милвоки 94:80
Хјустон-Мемфис 113:93
Портланд-Јута 105:109
ЛА Лејкерс-Голден Стејт 105:120