Јанис ја разби Хрватска, ја однесе Грција на Олимписки Игри и плачеше од среќа

Комплетирани се сите групи за кошаркарскиот турнир на Олимписки Игри во Париз летово. После Грција која што ја совлада Хрватска во финалето на квалификацискиот турнир во Атина, олимписка виза извади и Порторико со чудесен триумф над фаворитот Литванија 79:68.

Некогашниот МВП на и шампион во НБА лигата, Јанис Антетокумбо беше пресилен за Хрватска во мечот кој носеше олимписка карта. Во Пиреја кај Атина Грција славеше предводена од Антетокумбо кој постигна 23 поени со 8 скока. Јоргос Папајанис додаде 19 коша (5/8 за три) и тоа беше доволно да се совлада Хрватска која дојде во најсилен состав со НБА играчите Ивица Зубац и Дарио Шариќ (потпиша во меѓувреме за Денвер Нагетс кај Јокиќ).

Голем удел во победата имаше и Ник Калатес со 14 поени и 11 асистенции а токму тој како нов играч на Монако од летово, беше клучен во серијата од третиот период против Хрватите.

Кај Хрватска Зубац постигна 19 поени со 12 скока, Матео Дрежњак и Марио Хезоња од Реал Мадрид уфрлија по 15 а Дарио Шариќ имаше 14 поени со 12 скока.

Антетокумбо, националниот јунак на Грција во саботата беше подобар од Лука Дончиќ во нивниот полуфинален дуел кога Грците ги совладаа Словенците убедливо 96-68.

Тој за првпат ќе игра на Олимписки Игри во својата кариера. Плачеше од среќа во финишот на мечот:

„Најдобрите атлети од цел свет ќе се натпреваруваат на Олимписките Игри. Нема што да изгубиме... Искрено реално верувам дека имаме неверојатен тим и дека може да направиме нешто посебно“, вели Антетокумпо.

Грција за првпат после 2008-ма ќе игра кошарка на Олимписки Игри.

ФОРМАТОТ НА ИГРИТЕ ЌЕ БИДЕ ПОИНАКОВ

По прелиминарната фаза на кошаркарскиот турнир на ЛОИ 2024 во Париз, ќе се влече уште една жрепка во која ќе има осум репрезентации кои ја поминале групата. Ќе ги сместат во четири шешири со по два тима во зависност од успехот во групна фаза.

Двете најдобри селекции ќе бидат во шеширот Д и тие ќе играат против репрезентации од шеширот Г во кој ќе има две најдобро третопласирани екипи.

Третата и четврта селекција според рангот ќе бидат во шеширот Е а петтата и шестата според ранг ќе бидат во шешир Ф.

Сите селекции кои ќе бидат во иста група нема да можат да се сретнат пак во четвртфиналето како што нема да можат репрезентациите од шеширот Д да играат меѓу себе во полуфинале.

ГРУПА А: АВСТРАЛИЈА, ГРЦИЈА, КАНАДА, ШПАНИЈА
ГРУПА Б: ФРАНЦИЈА, ГЕРМАНИЈА, ЈАПОНИЈА, БРАЗИЛ
ГРУПА Ц: СРБИЈА, САД, ЈУЖЕН СУДАН, ПОРТОРИКО

8 јули 2024 - 09:02