Во 2014. година, хрватскиот кошаркарски сојуз со Најк потпиша договор на 10 години вреден 5,5 милиони евра. Според договорот, сите селекции на Хрватска во сите категории мораат да ја носат опремата Џордан бренд од Најк.
Драган Бендер, талентираниот кошаркар на Макаби од Тел Авив има договор со Адидас, но и покрај тоа ги зел своите „џорданки" за време на подготовките на Хрватска. На крајот, поради притисок од менаџерот пред самиот пат на Крит решил да му се врати на Адидас со кој има договор.
„Нема тука никаква дискусија ни компромис. Бендер не ги почитуваше правилата и за нас тој случај е завршен. Ако не сака да игра во нашата опрема, тогаш нема ни да игра. Не може нас некој италијански агент да ни диктира што ќе правиме ние во Хрватска. Мораме да ги заштитиме интересите на репрезентацијата, интересот на договорот со Најк кој не може да го ризикуваме поради еден играч. Тоа би било безобразно", изјави Владо Вањак, шефот на У19 селекцијата на Хрватска.
Хрватскиот сојуз се обидел да го натера Бендер да игра во нивната опрема, но тој одбил затоа што би го прекршил договорот со компанијата од која како професионалец после НБА драфтот ќе добие повеќемилионски договор. Пред неколку години Марио Хезоња, новиот Хрват во НБА играше за Хрватска во Адидас патики и покрај личниот договор со Најк.
Од друга страна, Маурисио Балдучо менаџерот на Бендер изјави дека сојузот е исклучителен кривец во целиот случај. Хрватска веќе одигра 3 натпревари на Мундијалот и има 2 победи и 1 пораз во група со САД, Египет и Иран.
„Ги предупредивме на проблемот, но никој не реагираше, Чекаа до последниот ден, а Драган на подготовките играше во својата опрема. Фрустрирачки е и разочарувачки што Драган поради ова го пропушта Светскиот куп, најголемото натпреварување во неговата генерација. Би разбрал да ми кажат дека не е доволно добар, дека не го сакаат, но нивниот одговор дека "ние тука ништо не можеме" ме разочара, изјави менаџерот Маурисио Балдучо.
Така на крајот, кошаркарот за кој се предвидува дека ќе биде меѓу првите 5 пика на драфтот следната година поради лични суети и уцени нема да може да се занимава со тоа што го сака.