Новинарот Шемс Чаранија од ЕСПН кој со години важи за најдобар инсајдер во лигата, на својот Х профил пишува дека Далас ги праќа во Лос Анџелес Лука Дончиќ, Макси Вебер и Маркиф Морис во голема трампа која вклучува три тима.
Во спротивен правец во Далас одат Ентони Дејвис, Макс Кристи и пик од првата рунда во 2029-та година. Јута Џез исто ќе биде дел од оваа трампа на три тима.
Веста за оваа неверојатна трампа е толку шокантна што многумина се прашувале да не е пробиен профилот на Чаранија, но во исто време потврда на веста стигна и од реномираните Лос Анџелес Тајмс и Далас Морнинг Њуз кои ја потврдија веста.
BREAKING: The Dallas Mavericks are trading Luka Doncic, Maxi Kleber and Markieff Morris to the Los Angeles Lakers for Anthony Davis, Max Christie and a 2029 first-round pick, sources tell ESPN. Three-team deal that includes Utah.
— Shams Charania (@ShamsCharania) February 2, 2025
Досега немаше баш никаква индикација дека двата тима договараат трампа на Ол-Стар супер ѕвездите.
Марк Шејн додава и дека Дончиќ не барал никаква размена и практично уште пошокантно е што Далас Маверикс самиот му се понудил на ЛА Лејкерс за ваква трампа. Ова доаѓа откако Дончиќ го водеше тимот до големото конференциско финале минатата сезона.
Дури ни Леброн Џејмс кој со своето реноме е практично неформален Генерален директор на ЛА Лејкерс и ја игра 22-та сезона по ред во НБА, бил излезен на вечера и немал појма за веста за трејдот која направи потрес во светската кошарка.
Тешко е да се замисли, пишува Јаху Спортс на ваков претходен случај кој толку ја шокирал јавноста. Суперѕвезди и претходно биле трампани меѓу клубовите но никогаш сред сезона и никогаш без претходни најави, преговори, шпекулации од една од страните.
Лука Дончиќ ја игра својата шеста сезона во НБА во која пет пати настапи на Ол-Стар по ред. 25-годишниот Дончиќ би требало да биде долгогодишна замена за легендарниот Леброн Џејмс кој со 40 години веќе сериозно размислува за повлекување. Ветеран е и Ентони Дејвис кој ќе оди во спротивен праец во Далас.
Веста уште пошокантна ја прави и фактот дека ЛА Лејкерс игра во одлична форма периодов а најзаслужен за одличните резултати под водство на новиот тренер Џеј-Џеј Редик е токму ветеранот Дејвис кој игра во животна форма.
Генералниот менаџер на Далас Маверикс, Нико Харисон ја правдал трампата:
„Верувам дека одбраната освојува титули. Верувам дека да се земе еден од најдобрите одбранбени центри и Ол-Стар играч со дефанзивна логика ни дава подобра шанса. Изградивме тим за да победува сега и во иднина“, рекол Нико Харисон за мотивацијата да го дадад Дончиќ за Ентони Дејвис.
Меѓу другите причини за ваквиот потег, пишува МекМахон е грижата на Далас Маверикс за состојбата на Лука Дончиќ кој одвреме-навреме влече поситни повреди и неговите аспирации за супермакс договор. Лука после оваа сезона ќе имаше уште две години од договорот со Далас.
Летово тој ќе беше достапен за петгодишен супермакс договор вреден 345 милиони долари но сега веќе таа достапност ќе ја нема.
Во моментов и Ентони Дејвис и Лука Дончиќ се повредени. Лука не игра уште од крајот на декември лани поради истегнат мускулен лист на левата нога, а Дејвис од вторникот е отсутен поради истегнат абдоминален мускул.
Се уште нема датум за тоа кога Дончиќ ќе се врати на паркетот иако од Далас Маверикс најавуваат дека 25-годишниот Љубљанчанец ќе заигра пак за еден месец. Дејвис ќе паузира една недела. Макс Клебер кој е исто дел од големата размена и кој ќе оди во ЛА Лејкерс не игра од 25-ти јануари поради скршеница на десната нога.
Дончиќ сезонава има 28,1 поен, 8,3 скока и 7,8 асистенции во просек по натпревар а одигра 22 средби, нормално сите како стартер. Во својата седумгодишна НБА кариера тој играше само за Далас Маверикс кој зема како пик на Атланта Хокс на драфтот 2018-та. Атланта тогаш се откажа од неговите права со цел да ги земе правата за Трае Јанг.
Ентони Дејвис (31), пак, во просек сезонава постигнува 25,7 поени, 11,9 скока и 3,4 асистенции и 2,1 блокада на 42 натпревари и сите во стартна постава. Тој има 10 Ол-Стар настапи, 5 пати е биран во најдобриот тим на сезоната во НБА и пет пати е избран во најдобриот одбранбен тим во НБА.
Макси Клебер кој наполнил 33 години во средата има слаб просек од 3,0 поени, 2,8 скока и 1,3 асистенции сезонава. Тој се појави на 34 натпревари но само четири пати беше стартер. Маркиф Морис (35) има уште побледа статистичка колона со седум влегувања од клупа сезонава и со 1,7 поени и 1,1 скок во просек по натпревар.
Во моментов Лејкерс се петти на табела во Западната конференција со 28 победи и 19 порази, а Далас Маверикс се осми со 26 победи и 23 порази.