За нашиот претставник оваа сезона на европската сцена најмногу ќе служи за извлекување на поуки дека на две меѓународни натпреварувања во згуснат календар е многу тешко да се издржи пред се физички, а за тоа секако е потребен и голем фонт на играчи.
Дуелот против Калев Талин претставуваше шанса за избегнување на последната позиција за двете екипи кои се аутсајдери во групата со по само еден триумф. Вториот очигледно дека повеќе го посакуваше естонскиот шампион кој му се реваншираше на нашиот претставник за поразот во „.Борис Трајковски".
Нашите кошаркари се држеа единствено во првиот и во почетните пет минути од вториот период, а потоа следеше серија на Естонците од 14:0 по кое почнаа маките за МЗТ Скопје кој на полувремето имаше негатива од 16 поени разлика.
Високата двоцифрена предност на домаќините растеше и во третата четвртина, а најмногу изнесуваше +27. Избраниците на Зоран Мартич се разиграа единствено во последните 10 минути од средбата кога ја стопија разликата на -13, но тоа беше предоцна за евентуален пресврт.
МЗТ Скопје на гостувањето во Талин повеќе беше со мислите во АБА лигата каде ги очекува меч против Црвена Ѕвезда, па од тие причини ги одмори стандардните Гечевски, Чековски и Оташевиќ кои останаа во Скопје да работат со новиот кондиционен тренер.
Најефикасни во нашиот табор беа Синовец со 12, Рејнолдс со 11 и Дејвис со 10 поени.
Сезоната во Еврокупот тимот од Аеродром ја завршува на 18 декември на домашен терен кога ќе го пречека тимот на Уникс Казан, кој е еден од фаворитите за титулата во ова натпреварување.