Дебакл на МЗТ во Смедерево

Актуелниот македонски шампион очигледно се наоѓа во кризен период. По двата порази во Еврокупот и трите во АБА лигата, тимот од Аеродром го одбележа и шестиот непосакуван резултат во низа на меѓународните натпреварувања. Мега Визура славеше убедливо со 101:82.

Уште по воведните десет минути од мечот во кој кошаркарите на МЗТ Скопје примија дури 31 поен и имаа негатива од 9 коша беше јасно дека ова ќе биде проблематичен меч за нив, пред се поради заморот од гостувањето пред три дена во Турција и отсуството на казнетиот Гечевски.

Залудни беа тајмаутите на српскиот стратег Вукоичиќ кој не успеваше да го најде лекот за своите сонародници од Смедерево кои многу лесно му се спротиставија на македонскиот шампион кој беше послаб противник во сите сегменти од играта.

МЗТ на стартот од вториот период стигна до најмалата негатива од 33:26, но тоа траеше кратко затоа што домаќините брзо влегоа во двоцифрена предност и ниту за момент не дозволија натпреварот да има некаква неизвесност.

Катастрофалната и неагресивна одбрана на нашиот претставник во регионалната лига придонесе тимот на Мега Вируза на полувремето да направи предност од 19 поени со ефикасни 56:37.

Металците во Смедерево имаа голема поддршка од навивачката група „Фемили Аеродром", но немаа ниту сили, ниту идеја како да се вратат резултатски. Третиот период заврши со резултат 80:57.

МЗТ Скопје само се мачеше до крајот на мечот на кој можеше да загуби и со уште повисок резултат кој на крајот изнесуваше 101:82.

Статистиката секако дека оди во корист на домаќините кои повторно се покажаа во силно светло под кошевите каде во просек имаат по 25 дефанзивни скокови по натпревар. На овој меч беа надмоќни со 23, за разлика од 12-те на нашите кошаркари.

Најдобри на паркетот во таборот на МЗТ беа Чековски со 22, Костовски со 18 поени од кои четири тројки и Рејнолдс кој го заврши натпреварот со 14 поени.

2 ноември 2013 - 22:56