Очајните резултати и последната позиција на табелата во групата во Еврокупот воопшто не влијаеше лошо кај македонскиот шампион на вечерашниот меч од АБА лигата. Напротив, тимот од Аеродром влезе многу мотивирано против лидерот во регионалната лига против кој ја прекина лошата серија на резултати.
Дека ниту размислуваат да му се предадат на фаворитот на овој меч, кошаркарите на МЗТ Скопје покажаа уште во воведните 10 минути во кои со борбена игра остварија минимална предност од 18:17.
Мотивираноста кај нашите кошаркари против силниот противник во вториот период беше уште поголема и со одличен процент на шут од поле кој во првиот изнесуваше околу 60% не и дозволија на Звезда ниту да го израмни резултатот.
Предноста на избраниците на Зоран Мартич не беше висока, но играта која ја наметнаа во првиот дел наговестуваше дека ќе се игра неизвесен натпревар до самиот финиш. Највисоката предност МЗТ ја имаше на полувреме кое го добија со 36:28, а силната одбрана беше пресудна за слабата реализација на српските кошаркари.
Македонскиот првак почна лошо во второто полувреме и не можеше дури 4 минути да стигне до поени, а Црвена Звезда влезе во серија од 7:0 за негатива од -1. Екипата на МЗТ возврати со серија од 5:0 и на крајот од третата четвртина имаше водство од 49:46.
Во последните 10 минути од мечот гостите го свртија резултатот во своја полза, но „Металците" се вратија на мечот најмногу кога е потребно и на нешто повеќе од три минути имаа +3.
Прашањето за победникот се решаваше во пеколната последната минута од натпреварот, а откако Синовец погоди во клучен момент, а потоа Дејвис поентираше и во двете слободни фрлања, тимот од Аеродром имаше +4 на 28 секунди до крајот.
Со помош на фантастичната атмосфера во салата „Борис Трајковски" нашите кошаркари мотивирани со голема борба го спречија противникот да се врати во игра и го дотолчија со конечни 65:58.
Најпрецизен на парктот беше Дејвис со 19 поени, Маринковиќ постигна 11,, а Гечевски и Синовец уфрлија по 9 поени.