Атланта победи без повредениот Антиќ

Кошаркарите на Атланта без услугите на Перо Антиќ забележаа победа над Бостон Селтикс и ги зголемија шансите за учество во НБА плејофот.

Непосредно пред почетокот на натпреварот против Бостон Селтикс, лекарскиот тим на Атланта Хокс соопшти дека Перо Антиќ е принуден да го пропушти овој дуел заради болки во десниот глужд.

Кошаркарите на Атланта и без услугите на нашиот стартен центар успеаа да триумфираат против Бостон и тоа со пресврт во последната четвртина кога го презедоа водството со серија од 10:0 за 90 секунди. На крајот „Јастребите" победија со 105:97.

Џеф Тиг со 19 и Кајл Корвер со 17 поени беа најефикасни кај Атланта, а во редовите на Бостон се истакна Бредли со 24 поени.

Во сабота наутро во 1:30 по наше време, Атланта гостува кај Бруклин.

Резултати:
Атланта - Бостон 105:97
Кливленд - Детроит 122:100
Орландо - Бруклин 115:111
Торонто - Филаделфија 125:114
Вашингтон - Шарлот 88:94
Мемфис - Мајами 107:102
Милвоки - Индијана 102:104
Минесота - Чикаго 87:102
Њу Орлеанс - Феникс 88:94
Денвер - Хјустон 123:116
Портланд - Сакраменто 100:99
ЛА Клиперс - Оклахома Сити 101:107

10 април 2014 - 08:40