Атланта Хокс влегува во февруари со 19-0

Во последните месеци, тимот на Перо Антиќ сруши неколку рекорди на франшизата, а во историјата на НБА лигата влезе како состав со најдолга победничка низа во еден месец.

Ноќта меѓу саботата и неделата, Хокс со 91:85 ја победија Филаделфија 76 и на тој начин стигнаа до 17. победа по ред во јануари, а вкупно 19-та во низа.

НБА статистичарите пресметаа дека Атланта Хокс (40 победи, 8 порази) се втората екипа во историјата на НБА што стигнала до 17 натпревари без пораз во еден месец. Сличен подвиг со учинок 16-0 во еден месец имале четири екипи, последен Сан Антонио Спарс минатиот март 2014. година.

Исто така, серијата од 19 победи по ред во една сезона е петта најдолга во историјата на најдобрата кошаркарска лига на светот. Доколку го победат Њу Орлеанс вечерва, Хокс ќе го израмнат рекордот од 20 победи на Милвоки Бакс од сезоната 1970-71. Најдолга триумфална серија од кога постои НБА имаше тимот на ЛА Лејкерс во сезоната 1971-72, кога езерџиите броеа до неверојатни 33 победи во низа. Во 2012-2013, Мајами Хит со Леброн Џејмс и Двејн Вејд имаа 27 победи во серија, а Хјустон Рокетс 22 победи по ред славеа во сезоната 2007-2008.

Франшизата соопшти дека продажбата на влезниците за нивните дуели во Филип Арената пораснала за дури 14%, во однос на истиот период минатата година. Во моментов Атланта е 19. најгледан тим во лигата, а лани во ова време беа 25-ти. Најскапа карта во Филипс Арената досега беше онаа против Хјустон, која чинела 124,44 долари. Цената расте, така што за следните натпревари на домашен терен, навивачите на Атланта ќе мора да одвојат дури 183,64 долари, а за дербито против Голден Стејт, најевтината карта би требало да изнесува околу 337 долари.

„Цврсти сме како екипа. Веруваме во себе. Момците работат напорно секој ден. Имаме добра клупа и секој може секого да замени“, изјави Ал Хорфорд, резервниот Ол Стар центар.

Атланта се надева дека во февруари ќе игра исто како во првиот месец од годината, иако влегуваат без повредените Табо Сефолоша, ДеМар Керол и Шелвин Мек.

Сефолоша се смета за клучен играч во одбраната на Хокс, а од франшизата соопштија дека тој ќе отсуствува од шест до осум недели поради повреда на десната потколеница. Керол ги пропушти последните две средби на Атланта поради повреда на Ахиловата тетива и не се знае кога ќе се врати на паркетот. Крилото Шелвин Мак не играше на последните шест средби и се очекува да отсуствува уште една недела.

По гостувањето во Њу Орлеанс, Атланта се враќа на својот паркет во среда, кога ќе игра против Вашингтон. За петок е предвиден мега дуелот и дерби на сезоната со Голден Стејт Вориорс.

КАКО АТЛАНТА ХОКС ГО СОСТАВИ НАЈДОБРИОТ ТИМ НА ИСТОКОТ

АНТИЌ: СЕ ЗАБАВУВАМЕ И СЕ ПОДДРЖУВАМЕ