Антиќ доаѓа во 6-кратниот турски шампион како слободен играч, откако му заврши договорот со Атланта Хокс која не ја продолжи соработката со Македонецот. Антиќ во НБА заработуваше 1,25 милиони долари по сезона, а за сега нема информации колку ќе добие од Фенербахче.
„Пред сè да кажам дека не сум голем говорник. Среќен сум што ќе бидам дел од семејството на Фенербахче и ќе се обидам да му помогнам на клубот да ја оствари целта“, Антиќ го отвори денешниот прес на кои присуствуваа и неговата сопруга и синот.
На констатацијата дека со Слукас ќе биде колега од следната сезона, а со Бо Меккејлеб (поранешен кошаркар на Фенер) веќе играше во репрезентацијата, турските новинари ги интересираше кој од нив му е поблизок.
„Тешко е да се одбере. Ги почитувам сите моите соиграчи, поранешни и сегашни. Му бев капитен на Бо во репрезентацијата, со Костас играв во Олимпијакос. Не можам да одберам, затоа што сите соиграчи ми се драги", додаде Перо.
„Пред сè да кажам дека сакам да играм во големи клубови кои имаат висока цел. Откако ме повикаа тренерот Жељко Обрадовиќ и Фенербахче, ни малку не се двоумев и ја прифатив понудата.", изјави Антиќ на денешниот прес.
Турските новинари го прашаа Антиќ и зошто не останал во НБА и се решил да се врати во Европа.
„Скопје и Истанбул се на еден час со авионски лет, така што ќе можам да бидам близу до семејството. Среќен сум што сум овде и што ќе се натпреварувам на највисоко ниво. Во САД ми недостигаше семејството и сега сум среќен што ќе можам да бидам поблизу до нив“, ги откри Антиќ причините за трансферот во Фенербахче.
Присутните го потсетија Антиќ и дека навивачката група на Фенербахче е позната под името 12, број што го одбра Перо во новиот клуб.
„Не знаев за тоа. Целиот живот носам 12-ка, во Олимпијакос и Атланта тој број не беше слободен, па носев 6-ка. Не знаев за податокот дека навивачите овде често ги викаат 12-ти играч и мило ми е што ќе играм пред таква публика", изјави Антиќ.
Фенербахче минатата сезона играше на Фајнал форот од Евролигата во Мадрид, каде загуби во полуфиналето од Реал. И покрај огромниот буџет и добриот тим со кој располага, Фенербахче неславно ја заврши сезоната и во домашното првенство, каде загуби во полуфиналето на плејфот од Каршијака со 3-1 во серијата.
Според предвидувањата на Еурохупс, Перо Антиќ во Фенербахче нема да биде само турист. Во Истанбул доаѓа да му помогне на Фенербахче во Евролигата, која Перо ја освојуваше два пати со Олимпијакос а би требало да има одлична соработка со кошаркарскиот чудотворец Жоц Обрадовиќ кој 8 пати ја освои Евролигата со 4 различни клубови.
Антиќ почна да игра кошарка во Работнички Скопје, а дебито во Евролигата го направи со АЕК Атина каде играше 4 години до 2005. година. Во Грција Антиќ го стекна потребното искуство и тргна во авантурата: Црвена Звезда, Лукоил Академик, Локомотив Кубан, Спартак Санкт Петербург, Атланта Хокс и денес Фенербахче.