Речник за местење натпревари

Во исчекување на повеќе информации околу истрагата за 680 наместени натпревари во целиот свет, медиумите ги открија тајните шифри на местачите. Во Хрватска тие биле поврзувани со храна, а во Турција местачите користеле земјоделски поими.

На прес конференција во Хаг на 4 февруари, Еуропол откри дел од деталите за најголемата истрага за наместени натпревари во историјата на фудбалот. Во истрагата биле идентификувани 425 лица вмешани во местење, а под истрага се 380 натпревари од Европа и уште 300 од останатиот дел во светот.

Полициските инспектори немале лесна работа за да им влезат во трагата на местачите кои успешно ја прекривале својата работа. Во некои земји тие употребувале и тајни шифри во процесот на местење натпревари.

Медиумите успеаа да откријат дел од речникот на местачите од Хрватска и Турција. Во Хрватска местачите употребувале поими поврзани со храна, жени и автомобили, а во Турција помите се базирани на земјоделство и градежништво.

ХРВАТСКА:

Погон на четири тркала - сигурно наместен натпревар, без ризик за кикс.

Девојки - поим кој се користел за полиција. На пример: „Не следат девојки".

Клучеви - мито за играчите. Пример: „Не го продава автомобилот без клучеви".

Кулен - поим кој се користел за 1.000 евра мито.

Мерцедес - натпревари кои се во процес на местење. Пример: „Мерцедесот е во работилница".

Пасат - наместен натпревар. Пример: „Пасатот е подготвен за подигнување".

Пиперка - мито пред почнувањето на натпреварот.

ТУРЦИЈА:

Објектот е во изградба - натпревар кој е во процес на местење.

Жетвата се наводнува - процес на подмитување на фудбалери или судија.

Кози на пасиште - фудбалери.

Орање, садење и сеење - обид на клупски функционери да наместат натпревар.

18 февруари 2013 - 13:07