Како реагираше прилепчанецот кога му падна џек потот

Или се накљукал со дијазепами или си рекол останувам смирен што и да се случи да не ми попушти срцето, трето нема, бидејќи реакцијата му е како да фатил 56, а 560.000 евра.

Добитникот на најголемата сума на пари во кладилница во Европа во однос на влог се вика Ване Лесноски и има 48 години. Една од првите работи кога се прашува човек за ваква вест е како реагирал човекот кога му завршил последниот натпревар на тикетот.

Прилепскиот весник Зенит го сними моментот додека Ване со пријателите чекал да му ја затвори Севиља - Манчестер Јунајтед. Заврши 0:0, а тој ја типуваше X2. Домаќините ако дадеа гол, тој ќе беше најголемиот малер за кој ќе се пишуваше.

Ова е тоа легендарно видео парче од кладилница со легендарниот Ване, пријателите и легендарната добивка. Ладен е како шприцер.

Во интервју за МИА објаснува како се чувствувал:

„Секоја секунда беше голема неизвесност, голема возбуда. Се трудев да бидам мирен, да ги држам чувствата под контрола. Ми беше како во магла, ама кога го слушнав резултатот, занемев. Опасно е ако не ги контролираш чувствата. Ова не се случува секој ден. Сега, по 12 часа уморен сум, исцрпен, ама има време, ќе се одморам“.

Инаку и лани не се опарил лошо.

„Често се обидував да стигнам до голема добивка, со поситни уплати. Си велев, ако „падне, нека падне“. Лани на 2 март добив 25.000 евра. Тоа ми беше најголемата добивка, ама оваа е неспоредлива со ништо. Очигледно овој период од годината ми е среќен“, вели Лесноски за МИА.

Прилепчани растураат на спортска.

22 февруари 2018 - 15:16