Зошто римските ултраси не почитуваат кодекси и редовно користат ножеви?

Рим и цела Италија не се само шпагети, вкусно вино и прекрасно еспресо. Тука има и „јужњачки“ темперамент, незгодна нарав и посебен начин на живот, особено во фудбалскиот фанатизам.

Додека навивачката сцена во Русија, Полска па делумно и во Германија го култивира принципот на fair play, италијанските ултраси немаат намера да се откажат од употреба на оружја во уличните навивачки пресметки. Будалесто и крајно нечовечки.

„Кога веќе е тешко да се избегнат судири меѓу хулиганите, барем да се избегне употреба на ладно оружје“, е една од пораките на руските навивачи.

Меѓу навивачите во Италија своевремено била пуштена акцијата Basta Lame, Basta Infami (Доста ножеви, доста срамоти), но идејата не заживеала.

Самата помисла за употреба на оружје е одвратна, а една група хулигани претежно оние на Рома нечовечки сковале и свој „кодекс“ според кој „оној кој употребува ладно оружје никогаш не треба да оди со намера да го убие противникот, туку да напаѓа по екстремитети, по бедра и по помалку ризични делови.“ Со еден збор: срамно.

Бесмислената и ужасна употреба на оружје во навивачки пресметки се појавува уште на почетокот на ’90-те години во култниот филм „Ултра“ на режисерот Рики Тоњаци. Во овој филм еден навивач на Рома несреќно со нож убива свој другар. Филмот е базиран на вистинита и потресна приказна, но за жал ништо не сменил во свеста на генерации римски ултраси.

Најважните инсерти од филмот:

Целиот филм:

Доказ за тоа се бројните напади со ножеви врз гостински навивачи во Рим меѓу кои предначат хулиганите на Рома иако ни оние на Лацио не се ништо поарни:

2006 година

Навивачи на Мидлзборо кои допатуваа во Рим на меч од Купот на УЕФА ја почуствувале на себе одвратноста на римските ножеви. По договорена акција, римските хулигани напаѓаат еден бар во кои отседнале Англичаните, фрлиле неколку димни бомби а потоа со ножеви боделе „на голо“.

13 луѓе завршиле во болница наместо на стадион.

2007 година

Пет навивачи на Манчестер Јунајтед заработиле посекотини од нож пред мечот во рамки на Лигата на шампионите против Рома. На еден час пред мечот, 50-ина римски навивачи ги начекале Англичаните со каменици и шишиња.

Овој крвав инцидент навивачите на Манчестер Јунајтед никогаш не го заборавија а англиските медиуми одвреме-навреме пишуваат за срамните напади на хулиганите на Рома.

2009 година

Лондонски Арсенал гостуваше на „Олимпико“ кај Рома. Навивачите на „Волчицата“ опкружиле еден автобус со навивачи на Арсенал, го каменувале при што еден добил расекотина на лицето од скршеното стакло.

2012 година

Групна фаза во Лига Европа: Лацио - Тотенхем. Недалеку од еден од спортските кафе-барови во Рим, ултрасите на Лацио нападнале Англичани. Во инцидентите 10 лица биле повредени а еден од навивачите на Тотенхем завршил во болница во тешка состојба.

На едно видео во една од римските болници зборувал избодениот навивач кој долго време лежел во болнички кревет:

2014

Финале на Куп на Италија меѓу Наполи и Фиорентина одиграно во Рим. Навивач на Рома, Даниеле Де Сантис во еден метеж со навивачи на Наполи, извадил пиштол и го застрелал Чиро Еспозито во вратот. После 53 дена на интензивна нега, Еспозито починал а Де Сантис подоцна бил осуден на повеќегодишна затворска казна.

„Син ми почина од бесмислена омраза“, рекла мајката на Еспозито која подоцна гостуваше на неколку италијански телевизии и зборуваше за борбата против хулиганизмот.

2017 година

Во Рим настрадаа и навивачи на Челси. А тактиката за напад врз нив била класична. Романистите го пронашле пабот во кој Англичаните се собирале и ги нападнале. За среќа никој не настрадал затоа што навивачите на Челси успеале да ја задржат вратата затворена.

2018 година

Полуфинале на Лига на шампиони: Ливерпул - Рома.

Уште во 1984-та „скаузерите“ ја научиле одвратната намера на римските хулигани. Дури и тогаш за време на финалето на КЕШ (денешна ЛШ) меѓу овие две екипи имало сериозни инциденти.

Овојпат Британците дискретно се собирале во Рим, но затоа на првиот меч во Ливерпул настана голема тепачка во која тешко настрада 53-годишен навивач на Ливерпул од Ирска. Со тешки повреди бил пренесен во болница а за нападот врз него е осуден еден навивач на Рома, а за другиот за кој се смета дека е директен учесник во претепувањето на Ирецот, се трага во Италија.

2018 година

Лига на шампиони, групна фаза: Рома - ЦСКА.

Недалеку од стадионот „Олимпико“ навивачи од Москва биле нападнати од хулигани на Рома. Еден Русин добил расекотина од нож но за среќа останал жив и префрлен во болница.

***

Сите овие епизоди укажуваат на итна потреба од промена на свеста кај плиткоумните хулигани кои под изговор на љубов кон својот клуб, напаѓаат луѓе кои во нивниот град доаѓаат да гледаат фудбал а треба да внимаваат да не настрадаат од оружје.

25 октомври 2018 - 15:02