Заврши трофејниот пат по кој Зидан изоде со Реал Мадрид

Од нигде никаде во сончевиот Мадрид претпладнево загрме а громот одекна во цел свет.

Зинедин Зидан на прес-конференција соопшти дека решил да се повлече од местото главен тренер на Реал Мадрид. И тоа на само пет дена откако во Киев направи чудо и ја освои третата титула во Лига на шампиони, против Ливерпул (3:1).

Зидан е првиот тренер кој самиот заминал од Реал Мадрид во епохата на Флорентино Перез. Сите останати претседателот ги отпуштил. Флорентино дојде на чело на Реал во 2000-та, замина во 2006 па триумфално се врати кога го потпиша Кристијано Роналдо.

Под негова власт Реал го тренираа Висенте Дел Боске, Хуанде Рамос, Мануел Пелегрини, Жозе Мурињо, Карло Анчелоти и Рафаел Бенитез.

„Одлучив веќе да не бидам тренер на Реал Мадрид. Чуден е моментот кој го одбрав за ваква одлука... Меѓутоа на екипата и треба промена за да продолжи да победува. Потребен е некој со поинаква методологија на работа и поради тоа решив да поднесам оставка“, порача Зидан и додаде:

„Ако почуствувам дека нема да победувам тогаш мора да направам некоја промена. Јас сум победник. Го сакам Реал Мадрид и време е да престанам да бидам тренер на овој клуб. Можеби ќе се видиме подоцна. Секогаш ќе бидам дел од Реал но после три години (поточно 2,5 како главен тренер) ова е моја конечна одлука. Играчите знаат, не ги известив поединечно. Зборував и со капитенот Серхио Рамос а ќе зборам и со другите капитени“.

Зизу со Реал освои буквално се што можеше да се освои - крена 9 трофеи од кои најзлатно светат оние во Лига на шампиони.

„На Рамос му кажав дека ми беше задоволство да работам со него и со екипата. Најдобар момент за мене беше освојувањето на Примера а најтежок пораз од Леганес во реваншот на Кралскиот Куп“, искрено изјави Зидан на прес-конференцијата.

Интересно на почетокот на овој вонреден прес во Реал, се обрати и Флорентино Перез.

„Сакавме Зидан да продолжи но секој кој го знае Зизу знае дека е невозможно да го наговориме да ја смени одлуката“, изјави претседателот на Реал Мадрид.

Зизу во 2014 ја запчна тренерската кариера во младинските категории на Реал. Во јануари 2016 го замени Рафа Бенитез и во само неколку недели го врати победничкиот дух во екипата.

Зидан го водеше Реал на 206 натпревари и запиша 130 победи, 46 нерешени и 30 порази. Ја освои Примера во 2017, Суперкупот на Шпанија 2017, Лига на шампиони 2016, 2017 и 2018, Суперкуп на Европа 2016 и 2017 и ФИФА Светско клупско првенство 2016 и 2017.

За само 2 ипол години на „Бернабеу“ донесе девет трофеи. И тоа како тренер почетник.

 

Solo siento orgullo de haber sido tu jugador. Míster, gracias por tantísimo.

A post shared by Cristiano Ronaldo (@cristiano) on

31 мај 2018 - 14:18