Фамата која што го следеше Нејмар на времето сега е верна сенка на Осман Дембеле, сензацијата од француски Рен, клуб кој ја одби понудата од 35 милиони евра од Барселона за младиот универзалец.
Порталите чиј домен на интерес се трансферите, најчесто тормозат како некој таму нов „Меси или Кристијано Роналдо го привлекол вниманието на големите европски клубови“.
Такви наслови има гомила, но кога угледниот Франс Фудбал кој до пред шест години ја доделуваше наградата Ballon d'Or, а потоа целосно ѝ ја отстапи на ФИФА реши да пишува за новото чудо од дете, тогаш приказната доби друга димензија.
Франс Фудбал најпрвин објави дека Рен одбил астрономски за 18-годишен фудбалер 35 милиони евра, а во продолжение пишуваше за почетоците на тинејџерот кој за првиот тим на Рен дебитираше на 22. ноември.
Во денешниот фудбал ништо не е чудно, особено што Манчестер Јунајтед лани даде 50 милиони евра за 19-годишниот Ентони Марсијал кој даде 15 голови за две сезони во Монако. А Осман Дембеле, новото чудо од дете веќе даде девет голови за три и пол месеци во првата лига.
Од тие девет голови, Осман Дембеле постигна дури 3 во едно полувреме против Нант, во дербито на Бретања. Два од тие три беа страшни евроголови.
Осман Дембеле е висок 177 сантиметри и има околу 61 килограм, конституција која многу потсеќа на Нејмар. Роден е во Вернон на 15. мај 1997 година, и на 18 години веќе им даваше голови на Генган, Троа, Лил, Лориен, Тулуз, Нант, Троа. Со три асистенции, пишува Дејли Мејл.
Црвено-црните од Рен во 2010. година го препознале талентот на Дембеле кој по стилот на игра наликува на Бразилецот од Барселона и го земале во својата академија која што од 2006. до 2011. година беше прогласувана за најдобра во Франција.
Арсен Венгер ја смета школата на Рен за најдобра во Лига 1, а од неа излегуваа таленти како Силван Вилтор, Микаел Силвестре, Јоан Гуркуф, Стефан Мбија, Јан Мвила, Осман Дабо, Џими Бријан и други. Минатата есен, Дембеле дал 13 голови на 18 меча за младинците на Рен и тоа било знак за големите европски екипи да пуштат експедиција на скаути на дуелите на овој клуб.
На последната средба на Рен викендов против Лион присуствувале скаути на Атлетико Мадрид, Манчестер Јунајтед, Јувентус, Милан, Баерн Минхен, Волфсбург, Барселона, Еспањол, Саутемптон и Манчестер Сити. Сите дојдени да го гледаат левоногиот Осман Дембеле кој заигра за сите возрасни репрезентации на Франција, а би требало да добие повик и од Дидие Дешамп.
„Сигруно ќе ме исмеваат сега, но ќе кажам дека Осман може да ја освои Златната топка. Го видов Кристијано Роналдо со исто толку години во Манчестер Јунајтед и Дембеле ги има сите карактеристики кои ме потсеќаат на младиот Кристијано", изјави Мајкл Силвестре за Ле10спорт во јануари и направи паралела со Португалецот со кој играа во Јунајтед на времето.
До појавата на Осман Дембеле, медиумите во Франција зборуваа за 23-годишниот центарфор на Рен Пол-Жорж Нтеп кој даде 16 голови на 53 натпревари за Рен.
„И натаму се трудам да ја забавувам публиката и дриблам и кога треба да додадам или да шутирам и соиграчите поради тоа ме критикуваат. Мора да исправам многу работи, да напредувам и да не дозволам квалитетот на моите настапи да опадне", вели трезвено малиот тинејџер кој има техника како Нејмар.