Заглави во Мајорка на клупа, ама растура за Македонија

Да се вратиме на убавите работи поврзани за македонската фудбалска репрезентација која синоќа го доби вториот најдобар стрелец во историјата, а тоа е Александар Трајковски кој исто така ги славеше головите пред камера ама покажувајќи срце.

Александар Трајковски дефинитивно е светла точка во македонската репрезентација. Поранешниот фудбалер на Палермо веќе две сезони ја грее клупата на Мајорка, најчесто од клупа ги почнува и натпреварите за репрезентација, но кога ќе добие шанса максимално ја користи.

Мундијалските квалификации ги стартуваше како најдобар поединец, со три гола по првите две кола и од синоќа е стрелец број 2 во македонската репрезентација со 18 погодоци.

Пред него е Горан Пандев со двојно повеќе голови, а после него се Ѓорги Христов и Артим Шаќири.

Трајковски влезе како џокер на гостувањето против Романија и постигна гол за 2:2, а синоќа против Лихтенштајн даде два комада за три минути.

Лихтенштајн му е омилен пациент против кој два пати реализираше во Скопје и во групната фаза од Лига нации, а исто така и еднаш во Струмица на претходните мундијалски квалификации.

На тој циклус за СП 2018 го постигна и убавиот гол против Италија на гости, кога Пандев му сервираше топка, а тој ладнокрвно го совлада Џиџи Буфон за изненадувачки 1:1 во Торино.

Поранешниот соиграч на Нестор во Палермо има премала минутажата откако направи трансфер во Мајорка и обично натпреварите ги почнува како резерва.

Во првата сезона во Ла Лига имаше 14 настапи и ниту еден постигнат гол, а сезонава одигра на само 7 второлигашки средби, повторно без погодок, со исклучок на еден во Куп.

Но тоа воопшто не се забележува во игрите за репрезентација и некако тивко во сенка на Елмас, Пандев, Барди и другите најекспонирани првотимци, се појавува и демонстрира голема професионалност и игра со срце за Македонија.

Инаку Трајковски на 12 ноември 2015-та го одбележа дебито на Игор Ангеловски со хет-трик на пријателска против Црна Гора и стана четврти македонски репрезентативец со таков дострел. Претходно тоа им успеа на Бошко Ѓуровски, Дејви Главевски и Артим Шаќири.

29 март 2021 - 13:48