Во Премиер лига пак имаше прекин поради срцев удар на навивач, Вотфорд и Челси реагираа присебно

Во месец и половина, втор случај со срцев напад кај навивач на трибините и по брза реакција на лекарските служби, сè се завршило добро.

На мечот Вотфорд - Челси од англиската Премиер лига играчите истрчаа нормално на терен и во првите десет минути сè беше спокојно и мирно. Но после повреда доживеа домашниот играч Адам Масина кој го истегна мускулот и легна на теренот а докторите трчаа да го прегледаат.

Во тој момент многу посериозна медицинска помош му била потребна на друг човек, навивач на трибините на стадионот „Викареџ Роуд“.

Играчите кои чекаа мечот да продолжи, приметиле како во еден дел од стадионот се собрале наеднаш многу редари. Фудбалерите веднаш почнаа да мавтаат со раце, а еден од оние доктори кои му помагаа на фудбалерот Масина, тргна кон трибините да му пружи помош на човекот зошто ситуацијата изгледала драматична. 

Во помош притрчале и лекарите на Челси кои биле поблизу до местото на настанот.

Фудбалерите на теренот се држеа за глава во шок, а се испостави дека еден од првите кои најбрзо и прибрано реагирал бил левиот бек Маркос Алонсо кој му сугерирал на судијата да не го продолжува мечот и докторите да можат да реагираат.

Набрзо се дознало дека некој навивач доживеал срцев напад. Судијата веднаш отиде да разговара со тренерите и Клаудио Раниери и Томас Тухел се согласиле мечот итно да се прекине на неодредено време.

Режисерот на мечот одлично ја сработел својата работа. Моментот ниту еднаш не влезе во кадар во живо, туку во крупен план беа фудбалерите кои во неизвесност чекаа да видат што се случува. Кога човекот кој доживеал срцев напд го изнесувале со носилка медицинските служби цел стадион аплаудираше. Уште посилни беа овациите кога медицинските работници, докторите на Челси и Вотфорд заедно му помагаа на човекот и му пружаа прва помош.

За среќа навивачот на Вотфорд успешно го пренеле во болница и состојбата му била стабила.

„Сите наши мисли се со навивачот кој доживеа срцев напад. Сега со него сè е во ред. Му благодариме на медицинскиот персонал, на играчите и навивачите за брзата реакција“, напиша Вотфорд на својот Твитер налог.

Прекинот траеше околу 30 минути. Сите играчи продолжија да се загреваат и мечот продолжи. На трибините беше потивко од вообичаеното а Челси на крајот победи со 1-2.

Ова е втор срцев напад во нешто повеќе од еден месец кај гледач на некој од англиските премиерлигашки дуели. Сличен случај имаше пред месец ипол на мечот Њукасл - Тотенхем кога со брза реакција на левиот бек на Спарс, Шпанецот Серхио Регулион судијата го прекина мечот а медицинските екипи истрчаа, му пружија помош на навивачот и му спасија живот.

2 декември 2021 - 10:05