Во исчекување на 50.000 голови во Бундеслигата

На Германците им се ближи голем јубилеј во лигата која ја формираа во далечната 1963 година, а во која имаа можност и привилегија да заиграат и неколку наши фудбалери. Новески имаше најдолг стаж и држеше одбрана, а Ќириќ ги полнеше мрежите.

Фридхелм Тимо Кониетцка е фудбалерот кој стана шампион на Западна Германија со Борусија Дортмунд во 1962/1963, последната сезона на германскиот фудбалски шампионат во старото руво. Погоди 121 пати за Милионерите, а со еден од тие погодоци, на 24 август 1963-та на мечот против Вердер, ги удри темелите во новоформираната Бундеслига.

Од тој ден до денес во Бундеслигата паднаа 49.977 погодоци и фалат уште 23 за одбележување на големиот јубилеј. Постојат и неколку дополнителни објаснувања за начинот на броењето, па така на пример во официјалната статистика на германската лига не се впишани 50 гола кои се смета дека паднале на нерегуларни средби.

41 се на Арминиј Билефелд која во сезоната 1971/1972 беше исфрлена од лига поради скандал со местење натпревари и сезоната официјално ја заврши без бодови и без голови. Непризнати голови имало и поради други причини и одредени средби завршувале со службен резултат од 2:0.

На мечот Баер Урдинген – Ајнтрахт Франкфурт одигран на 22 мај 1993-та гостите победиле со 5:2, но триумфот им била доделен на домаќинот, бидејќи Ајнтрахт ги прекршил правилата за употребата на четири странски играчи.

Две години подоцна Ајнтрахт со идентични 5:2 загубил од Баерн Минхен, но овој пат на нив им следувала службена победа поради тоа што Баварците нелегално користеле четири аматери.

Во 54 годишната голеада свој придонес имаат и наши фудбалери. Па така на пример дел од нив се Саша Ќириќ кој даде вкупно 54 гола за Ајнтрахт и Нирнберг, Николче Новески кој една декада беше дел од Мајнц каде постигна 12 погодоци, они Мицевски кој играше во неколку германски клубови, а за прволигашот Енерџи Котбус постигна два гола.

Дел од рекордите во Бундеслигата поврзани со голови:

Најмногу голови во една сезона: 1.097 голови на 306 меча во сезоната 1983/1984 или 3.58 во просек по натпревар.

Најмногу голови во едно коло: 53 голови во 32-то коло во сезоната 1983/1984.

Најмногу голови на еден натпревар: Борусија Менхенгладба – Борусија Дортмунд 12:0 (1977/1978), Борусија Дортмунд -Арминија Билефелд 11:1 (1982/1983), Баерн Минхен – Борусија Дортмунд 11:1 (1971/1972), Борусија Дортмунд – Кајзерслаутен 9:3 (1963/1964), Келн – Тенис Борусија Берлин 8:4 (1976/1977)

Најмногу голови во една сезона на еден клуб: Баерн Минхен 101 (1971/1972)

Најдобар стрелец во историјата: Герд Милер 365 голови

Најдобар стрелец во една сезона: Герд Милер 40 голови

Најдобар стрелец по сезони: Герд Милер во 7 сезони за Баерн Минхен

Најдобар стрелец на еден меч: Дитер Милер за Келн 6 гола во сезоната 1977/1978

Најдобар стрелец на еден меч како замена: Роберт Левандовски 5 голови за Баерн во сезоната 2015/2016.

Најдобар стрелец меѓу странците: Клаудио Пизаро 190 голови за Вердер и Баерн.

Најдобар стрелец меѓу странците во една сезона: Роберт Левандовски за Баерн 2015/2016.

Оваа сезона најефикасен меч беше оној меѓу Мајнц и Хофенхајм од 2. коло кој заврши 4:4.

10 февруари 2017 - 14:39