Во објавената биографија, под наслов Куба, полскиот репрезентативец раскажува многу анегдоти и проблеми од детството.
По бегството од Горник и дебито во четвртата лига, Куба отишол во Австрија. Вујко му договорил проба во Тирол каде и самиот играл. Блашчиковски ден пред пробата го повредил палецот на ногата и не играл како што треба. Потоа имал неуспешна проба во Белхатов, а во Лех прошол, но му барале пар стотини злоти.
Наскоро дошол во славната Висла Краков каде вујко му го однел кај спортскиот директор и негов стар познаник Гжегош Милчарски. Во Краков го исмевале, како селанецот од четврта лига сакал да игра во најдобриот клуб во земјата. Во Висла имало седум репрезентативци но Куба фатил место во тимот а од првата плата купил Голф III кој тетка му Госја му го донела од Германија.
Следувал мечот од Лигата на шампионите против Панатинаикос кога Куба морал да игра стопер а не десен бек, но и покрај тоа одиграл одлично. Во првото полувреме по еден старт го повредиле, тој доиграл а потоа дознал дека има скршеница на десната страна од стопалото.
Во 2007. година Зенит за него понудил 500.000 евра, Висла сакала три колку што на крајот дала Борусија Дортмунд и Куба преминал во Германија. Следната година навивачите го прогласија за играч на сезоната.
Во Дортмунд Куба не знаел германски а во едно интервју пред пет години психологот на Борусија кажал: „Куба е посебен. Кога тој зборува, сите молчат и слушаат", а Хумелс додал: „Мене не ме сакаат навивачите на Баерн, Гроскројц на Шалке, а Куба го сакаат сите".
Полјакот наскоро се жалел што на тренинзите се зборува англиски и француски но не и полски. „Не ме уважуваат", изјавил во една прилика. За две години добил таква почит и уважување во Борусија што раководството ги послушал неговите совети - да ги купат Пишчек и Левандовски.
Во летото 2011. година Куба му предложил на Пишчек: „Доаѓај со нас на одмор на Сардинија", „Со задоволство", „Ќе биде весело, ќе играме карти во склекови". Кога завршил одморот Пишчек во Дортмунд се вратил како ММА борец кој прави по 200 склекови дневно.
Во пролетта 2009. година Клоп го заменил Јакуб Блашчиковски во средината на второто полувреме со Ајнтрахт, а вујко му Јиржи бил уште понезгоден: „Да ти бев јас тренер во прво ќе те извадев", му рекол по телефон. „Зошто?!" -Играше ужасно, како зошто, но доста за тоа спреми се за следниот меч", му рекол вујко му.
Јиржи спуштил слушалка и ѝ кажал на жена му: „Ќе видиш дека следната недела ќе даде гол“. На 9-ти мај против Карлсруе Куба во средината на првиот дел го даде првиот гол после цели осум месеци.
Во биографијата на Куба, пишувана со полската новинарка Малгожата Домагалик, Јирген Клоп вели: „Куба многу ме потсеќа на син ми - родени се во ист месец. Секако дека многу го сакам. Но искрено кога ќе ме види ќерка му, плаче". Набрзо го стигнала серија повреди, па Геце му земал место во тимот. Поради истите повреди во минатото го пропуштил Светското 2006 и Европското 2008.
Во средината на првиот дел од мечот со Марсеј, Левандовски одлично го проиграл Куба кој дал гол и за пар секунди висел во прегратки кај Клоп. Врвот го достигнал во 2012-та кога заигра на Европското во неговата земја и во 2013-та во финалето на Лига на шампиони. Таа сезона даде 14 голови и имаше 15 асистенции.
Новата повреда долго го оддалечила од тренинзите, но и покрај тоа Клоп од него барал да доаѓа на собирите на екипата поради оддржување на тимскиот дух. „Без тебе не е интересно, дојди да се посмееме", му велел Клоп.
Во декември 2014-та против Андерлехт во ЛШ, 65.000 застанаа на нозе затоа што во игра после 318 дена без фудбал влегол Јакуб Блашчиковски.
Минатото лето, Куба не му беше потребен на новиот тренер Тухел. Замина во Фиорентина на позајмица каде во септември го даде првиот гол. Ноември, декември и нова повреда. Потоа јануари и нов гол против Палермо. Го барале во Гелзенкирхен.
„Ме сакаше Шалке, но јас не размислував за таков трансфер, затоа што ги почитувам навивачите на Борусија. Има некои работи во животот и фудбалот кои се поважни од парите", рекол Куба.
Точно е дека нема, посебно во животот на Куба кој бил сведок на трагичен настан во детството.
Мајка му работела во продавница за овошје а татко му бил наставник по физичко во школо. До шест години Куба спиел со родителите, така се чуствувал посигурен.
Во еден момент татко му почнал многу да пие и пијан доаѓал на тренинзите на Давид и Куба кои црвенееле од срам. Го избркале од школото, останал без пари, а сопругата Ана одела во Германија за да заработи некој денар. За тоа време малите биле кај баба им.
Кога се вратиле дома, во подрумот начекале некој скитник. Татко им три дена не се вратил дома. Наскоро дошле Бадник и Божиќ, Нова Година, семејството се собрала но татко им Зигмунд повторно ја бркал мајка им со кујнски нож. Кога здивувал, тие се криеле под кревет.
На 11. август 1996. година Куба решавал некој крстозбор кој му го дала мајка му. „Мамо, што ќе правам јас ако тебе те нема"? Давид тогаш бил со вујко му во Германија.
Ана секое утро одела во црква, но на 13. август ја гушнала мајка ѝ, отишла да купи леб и млеко за Јакуб спроти црквата.
Враќајќи се дома зад грмушката јорговани го видела Зигмунд. Куба во тој момент играл фудбал со другарите. Кога се вратил дома на улицата ја видел мајка му како лежи и татко му како бега. Ја фатил за рака и слушнал како издишува. Татко му да не го извадил ножот од аортата, таа имала шанси да преживее.
Ковчегот седел дома три дена. Во тоа време Куба не спиел, а во следните две години од стрес имал проблеми со растот и останал висок 152 сантиметри. Во школо го носеле на психолог, но тој избегал дома и не сакал да прими никој.
„Мајка ти мечтаеше да станеш фудбалер, помниш?", му викал вујко му Јиржи. Баба му му купила нови копачки а тој ветил дека еден ден ќе ѝ врати двојно повеќе. Кога почнал да заработува сериозни на баба му ѝ понудил да оди на одмор на Мајорка, но таа му рекла: „Подобро ќе дојдам во Германија на две недели кај тебе - тоа е одмор за мене".
Јакуб во биографијата раскажува и дека ја прочитал книгата на Папата Јован Павле II и се замислил дали треба да му прости на Зигмунт. Во 2010-та година кога излегол од затвор татко им му се јавил на Давид: Сакал да се смират и да почнат да живеат заедно.
Потоа Куба на еден турнир во мал фудбал каде играл брат му го видел татко му: „Ти знаеш што направи?" -„Ти повторно за тоа?", „Не, никогаш не сме зборувале за тоа", „Не беше така како што мислиш Јакуб", му одговорил татко му.
Зигмунт имал цироза на црниот дроб и бил на интензивна терапија. Јакуб и Давид решиле да му помогнат во лечењето: „Само ако ветиш дека нема да пиеш веќе", „Нема да пијам веќе", им одговорил татко им кој живеел со својата мајка на 10 километри од домот.
Еден ден им кажале дека го виделе пијан, Давид му ѕвонел еднаш, два пати, пет пати... Пред погребот на Зигмунт, Давид и Куба отишле кај локалниот свештеник: „Му простивте ли на татка си"? -Уште не". „Бог бара од вас да му простите", им рекол свештеникот.
Три недели подоцна Куба даде еврогол против Русија на Европското првенство, година дена подоцна играше на Вембли финале на Лига на шампионите, а неодамна постигна фантастичен гол за својата репрезентација.