Вечна дилема - кој е најдобриот шутер на слободни удари?

Прашање кое веројатно никогаш нема да има одговор затоа што имало и има толку многу мајстори зад топката кои изведуваат слободен удар и даваат гол кога сакаат.

Капитенот на Барселона и најдобар фудбалер на денешницата според многумина, Лионел Меси со прекрасен гол од слободен удар ја крена завесата во новата сезона од Лига на шампиони против ПСВ Ајндховен.

Со оваа мајсторија Меси уште еднаш покажа зошто го сметаат за еден од најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата.

Интересно, тренерот на ПСВ, Марк Ван Бомел (некогашен играч на Барса) барал од своите играчи еден фудбалер секогаш да стои зад живиот ѕид со цел да се спречи Меси да шутира по земја под ѕидот и така да ги изненади. Трикот на Ван Бомел ќе остане анегдота затоа што Меси погоди онаму кај што најмногу сака, во аголот, преку живиот ѕид (го префрли Џероен Зоет).

За најдобрата 10-ка на светскиот фудбал ова е 42 гол од слободен удар во неговата професионална кариера од кои 36 постигнал за Барселона а 6 за Аргентина. Меси има давано гол од слободен удар во пет од шест клупски натпреварувања во кои учествувал. Има 26 голови во ЛаЛига, 4 во Лига на шампиони, 3 во Копа Дел Реј, 2 во УЕФА Супер Купот и 1 во шпанскиот Супер Куп.

Сезонава успешноста на изведени слободни удари му е 22%.

Егзекуцијата на Меси од слободен го прави апсолутно непредвидлив изведувач на прекини. Може да шутира силно, лево или десно, на средина, под ѕидот, кратко или високо. За време на првите години во првиот тим Меси беше на некој начин во сенка на изведувачите Роналдињо или Златан Ибрахимовиќ, а ако и некогаш добиеше шанса да изведува слободен удар, немаше голем процент на успешност.

Првиот гол од слободен удар за Барса го дал во 2008 година против Атлетико Мадрид, но после тоа цела година не изведувал се до следниот гол од слободен против Динамо Киев во Лигата на шампионите.

Од тој момент се зголемува неговата ефективност од слободни удари. Но што се сменило толку многу?

Пресвртот се случил за време на еден собир со репрезентацијата на Аргентина во 2009 година кога Диего Марадона му дал пар совети на младиот Меси.

Иако рангот на најдобрите изведувачи на слободни удари во историјата не е баш лесен да се направи, Меси заслужува да се најде во друштво на Пеле, Асунсао, Роберто Баџо, Дел Пјеро, Рекоба, Рожерио Сени, Тефило Кубијас, Ривалдо, Милинко Пантиќ, Синиша Михајловиќ, Васили Цартас, Зинедин Зидан и други.

Шпанска Marca направи листа од 10 најдобри изведувачи на која е и Лионел Меси. Да ја ѕирнеме:

РОБЕРТО КАРЛОС

Бразилецот ја имаше можеби најубиствената левица во фудбалот. За 11 години во Реал Мадрид постигна 25 гола од директен слободен удар.

Иако многу други фудбалери постигнале повеќе погодоци од слободен удар од него, она што Бразилецот го направи на мечот против Франција во 1997 година и натаму е необјасниво за многу физичари.

АНДРЕА ПИРЛО

По многумина најпрефинетиот изведувач на слободни удари. Кога тој ја мести топката без разлика на оддалеченоста, гледачите претпоставуваат дека многу брзо ќе ја видат во гол.

Италијанецот имаше мали ремек-дела од слободен удар. Постигна 43 гола во кариерата од прекин и влезе во историјата како еден од најдобрите шутери.

СИНИША МИХАЈЛОВИЌ

Србинот својата класа како изведувач на слободни удари ја изгради во Италија. Голем дел од головите кои „Синке“ ги даде од слободен удар беа од голема далечина.

За неговиот шут постоеше анегдота дека е толку силен затоа што Синиша секое сабајле правел по 2.000 стомачни склекови.

Постигна повеќе од 50-ина гола од слободен удар во долгата клупска и репрезентативна кариера а рекорд постави против Сампдорија како играч на Лацио кога на еден меч даде хет-трик од слободни удари. Лациалите победија 5:2 а Михајловиќ постигна три гола од слободен удар:

КРИСТИЈАНО РОНАЛДО

Уште еден голем изведувач на слободни. Фудбалерот на Јувентус постигнал 56 гола од директен слободен удар во кариерата. 14 дал за Манчестер Јунајтед, 34 за Реал Мадрид и 8 за репрезентацијата на Португалија.

Кристијано е играч со најмногу голови од слободен удар во Лига на шампиони - вкупно 12!

ДИЕГО АРМАНДО МАРАДОНА

„Ел Гранде“ Диего постигнал 62 гола од слободен удар во кариерата. Кој од кој поубав:

ДЕЈВИД БЕКАМ

Англичанецот беше специјалист за слободни удари. Во долгата и богата кариера дал 65 „комада“ од слободен.

РОНАЛДИЊО

Бразилскиот волшебник постигнал 65 гола од слободен удар на официјални натпревари. Со сигурност еден од најдобрите шутери на сите времиња:

ЖУНИЊО ПЕРНАМБУКАНО

Нема да ни замерите ако кажеме дека токму тој е најдобриот изведувач во историјата на фудбалот. Жунињо од слободен дал 76 гола во кариерата од кои најголем дел во дресовите на Васко да Гама и Олимпик Лион.

За бразилскиот тим постигнал 18 погодоци од слободен удар а за францускиот 44. Во дресот на Бразил се израдувал на 4 гола од прекин.

ЗИКО

Оваа листа ни под разно не може да помине без легендарниот Бразилец. Бројките на Зико од слободен удар се фасцинантни: 62 гола од слободен за Фламенго, 17 за Удинезе, 15 со јапонска Кашима и 7 за репрезнтацијата на Бразил.

Бројка од 101 гол од слободен удар!

Во современиот денешен фудбал има десетина играчи кои претендираат еден ден да се најдат на оваа листа. Меѓу нив е и нашиот Енес Барди, а тука се и Дибала, Кутињо, Гризман и Миралем Пјаниќ.