Вечер во која после 25 години ќе се сретнат професорот и ученикот

Фудбалот некогаш знае да ги пишува најубавите романи. Едно поглавје од оваа игра е посветено на животот и кариерата на две големи легенди: маестро Андреа Пирло и стариот волк Мирчеа Луческу, на времето ученик и учител.

На 20 октомвери во Киев Андреа Пирло ќе дебитира втор пат во Лига на шампиони. Овојпат како тренер. Првиот пат како играч дебитирал во 1998 година. За 17 години фудбалска кариера легендарниот Андреа Пирло одигра 108 меча во Лига на шампиони и 2 пати го освои највредниот трофеј во клупскиот фудбал.

Сега Пирло почна нова етапа - како тренер и тоа на славниот Јувентус. Прв противник во Лига на шампиони ќе му биде Динамо Киев кого од клупата го предводи Мирчеа Луческу, човекот кој имал големо влијание во кариерата на Андреа.

„Губевме против Реџана на гости, веќе испаднати од Серија А и јас го пуштив Пирло на десет минути до крајот. Андреа беше дете. Но веќе беше јасно дека е еден од најголемите таленти во Европа“, раскажа Мирчеа Луческу во интервју за Corriere dello sport во август 2020.

Но легендарниот тренер кој направи фантастични успеси со Шахтјор Донецк, а беше и тренер на Интер направил мал пропуст. На тој меч не бил на клупата.

ПИРЛО ДЕБИТИРАЛ КАЈ АДЕЛИО МОРО КОЈ ЈА ВОДЕЛ ЕКИПАТА НА КРАЈОТ ОД СЕЗОНАТА 1994/1995

Точно е дека „маестро“ првпат во сениорски фудбал влегол на мечот против Реџана за кој зборува Луческу, на 21 мај 1995-та година.

Два дена претходно Пирло наполнил 16 години и станал најмладиот дебитант во историјата на Бреша во Серија А и меѓу петте најмлади играчи во историјата на италијанското првенство (во моментов е осми на таа вечна листа). Но на клупата не седел митскиот Романец кој сега го внесе Динамо Киев во ЛШ после повеќе од 4 години.

Мирчеа беше тренер на Бреша од 1991 година, иако уште не поседувал диплома од легендарната школа за тренери во Коверчано, па официјално тренер бил Аделио Моро, поранешен играч на Интер и Милан, а Луческу се водел како техничи директор.

На крајот од февруари 1995-та Бреша ги отпуштила и Луческу и Моро. За 20 кола колку што го водел тимот Бреша имала само 2 победи, па за нов тренер бил назначен Луиџи Маифреди, поранешен тренер на Јувентус.

Но ни тој не помогнал, агонијата на Бреша продолжила, имале 6 порази по ред со гол разлика 4:20.

„После тоа претседателот Кориони побара од нас да се вратиме. Но Луческу кажа дека би дошол само во новата сезона. А на последните натпревари тимот го водев јас. Одлучивме да им дадеме шанса на младите на кои ќе може да се потпреме во иднина“, рекол Моро за Tuttosport и додал:

„Пирло веќе тогаш беше маестро. Блескаше во секој дел од теренот, имаше се што е потребно за класен играч од среден ред: пас во далечина, дриблинг, шут, техника. Правеше многу сложени работи кои изгледаа просто. Неговото влегување на терен не беше ризик, он веќе тогаш носеше сигурност“.

Чудно, но сосема поинакво мислење има Марко Скенарди, некогашен соиграч на Пирло во средниот ред од тоа време.

„Јас не очекував дека неговата кариера ќе биде блескава во среден ред. Тренираше со нас, играше како напаѓач. Очигледно беше дека дечкото е многу талентиран но ми изгледаше тромав. Со таков карактер обично не се станува лидер. Но Пирло стана ѕвезда благодарение на тоа што го правеше на теренот. Лучесу му се восхитуваше“.

МИРЧЕА МУ ПОМОГНАЛ МНОГУ НА АНДРЕА, ГО ПРИМЕТИЛ УШТЕ ВО МЛАДИНСКИ КАТЕГОРИИ И МУ ДАВАЛ СОВЕТИ

Во книгата „Мислам, значи играм“, Андреа Пирло раскажува дека Луческу бил многу важен за него како психолог.

„Имав 15 години, тој ме зема од младинските категории да тренирам со прв тим, со сениорите. 30-годишни фудбалери се нервираа како тој малечок им ја протнува низ нозе и често беа многу лути“, пишува Пирло во автобиографијата.

„Прво нешто што ми шепна Луческу беше: Играј како што знаеш. И го послушав, ама тоа не им се допадна на сите. Еднаш три пати по ред издриблав еден од ветераните, а четвртиот обид беше кобен. Ми влезе страшно со удар во зглоб. Луческу беше мирен: „Сè е во ред, одлично. Пробај уште еднаш дрибни го“, раскажува легендата на Милан и Јувентус.

Според Моро кој му бил помошник на Луческу во Бреша, некои играчи од прв тим му љубомореле на Андреа Пирло на талентот и се плашеле дека ќе изгубат место во прв тим. Луческу се сеќава како после ден пријателски меч на турнир во есента 1995-та, 25-годишниот Лука Луѕарди направил скандал. Бил многу лош што влегол во игра пред крајот.

„Андреа ќе стане сјајен играч. Веруваш ли?“, му рекол Мирчеа.

„Одев да ги гледам тренинзите на младинците, еден пријател ми кажа да обратам внимание на тој малиот. Он (Пирло) беше феномален, правеше се што можат само прави шампиони. Неверојатно колку беше зрел.

Се враќавме дома заедно после меч на турнирот во Вијареџо. Два часа разговаравме во кола. Сфатив дека Андреа многу верува во себе, организиран е. Тоа многу му помогна да стане тоа што стана“, рекол Луческу во интервју за официјалниот сајт на УЕФА.

„Луческу беше трпелив со мене. На екипата и викаше давајте му ја на Пирло, он знае што да прави. Мојот прв триумф беше кога на тренинг имав помалку удари во ногата, отколку примени топки. Во првите денови односот беше 10 претрпени удари со 1 примена топка. Десет пати ме убиваа и еднаш по грешка ми додаваа“, раскажал Пирло за првите денови во Бреша.

Во сезоната 1995/1996 во Серија Б, Луческу ниеднаш не го пуштил на терен Пирло, но веќе во сезоната 1996/1997 кај Еди Реа, Пирло одиграл 29 меча и постигнал 4 гола во Серија А.

Во 1998 година го направи големиот трансфер во Интер, на совет на Луческу.

„Баравме играч во среден ред. Липи го сакаше Пирло но јас не бев сигурен. Му заѕвонив на Лучесу и ми кажа дека просто мораме да го потпишеме Андреа, ќе стане голема ѕвезда“, се сеќава Сандро Мацола, тогаш спортски директор на Интер.

Во декември 1998-ма Мирчеа и Пирло се сретнале пак, и тоа во Интер. Романецот ја презема екипата сред сезона и доработи до март. Андреа настапи на 13 меча во Серија А, еднаш од стартот.

Претходно, пред искусниот Романец да дојде на „Џузепе Меаца“, кај тренерот Џиџи Симони Пирло влегол 4 пати на терен во Серија А и уште 4 во Лига на шампиони. После Луческу кај тренерите Луиџи Кастелини и Рој Хоџсон ниту еднаш!

Слабата минутажа го натерала Пирло да ја прифати понудата од управата да оди во Реџина една сезона на позајмица. Се вратил после во Интер, па преминал во Бреша каде легендарниот Карло Мацоне му ја нашол правата позиција на теренот.

После Бреша (како играч под договор со Интер) Пирло замина во Милан и одигра 10 неверојатни сезони (освои 2 скудета, 2 трофеи во Лига на шампиони, 2 Суперкупа на УЕФА, 1 Интерконтинентален Куп, 1 Куп на Италија). Следуваше сјајно време во Јувентус и 4 скудета и 1 Куп на Италија со бјанконерите. Стана и светски шампион со Италија.

Луческу, пак, продолжи во Романија и Турција, се пресели во Украина каде освои 8 шампионски титули со Шахтор и Куп на УЕФА, беше тренер на Зенит, селектор на Турција а од летово го води Динамо Киев. И тоа со голем успех.

Во составот на Милан, Пирло дури шест пати играл против екипи на Лучесу во Лига на шампиони и никогаш не изгубил 5 победи и 1 нерешена.

„Пирло има сè за да стане врвен тренер. Он го гледа фудбалот како никој друг. Андреа беше голем играч. Сериозен е, сите го почитуваат. Пирло победуваше како фудбалер а сега ќе победува и како тренер. Он ме нарекува маестро? Горд сум на тоа. Би сакал да му кажам фала за се и да му посакам голем успех како тренер“, рекол Луческу во пресрет на нивниот прв меѓусебен дуел како тренери.

Вечерва од 18:00 во Киев играат Динамо - Јувентус.