Три од три за Вардар во последните средби од групата Б и со нови два бода освоени вечерва цврсто го држи третото место за кое треба да одигра и Барселона вечерва против Рајн Некар Левен.
Доколку Германците направат големо изненадување и ја победат Барселона, тогаш Вардар како четвртопласиран ќе патува во осминафиналето.
Фуриозно тргнаа Вардарци вечерва и водеа 4:1 по шест минути игра, а веќе после 9 минути на семафорот пишуваше 6:2 за Црвено-црните.
Највисоките пет голови предност Скопјани ги достигнаа по 15 минути игра (11:6), но после тајм-аутот на гостинскиот стратег Патрис Канаје, Монпеље успеа со серија од 3:0 да се врати резултатски на 13:12 во 20. минута.
Вардаровите играчи како да ја испукаа цела муниција, па при крајот на првиот дел гостинскиот голман, ветеранот Арно Сифер одбрани неколку шута. Падот на концентрацијата на Вардар, му овозможи на Монпеље да се врати резултатски во игра и да израмни 14-14, а на полувреме се замина со 17-17.
Алекс Душебаев со два ефектни гола на стартот од вториот дел ги донесе шампионите на Македонија во водство од 20:18, но подоцна следуваа неколку избрзани напади на Вардар кои Монпеље ги казнуваше на спротивната страна и за првпат поведе со 20-21.
По резултатската клацкалица, Вардар до двата гола на Македа се одлепи на 27:23 и тоа беше отворање на патот кон победата. Конечни 34-26 за трета победа на Вардар на последните три средби.
Најефикасни во Вардар беа Дејан Манасков и Алекс Душебаев со по седум голови, а кај Французите Словенецот Драган Гајиќ стандардно најдобар со шест погодоци.
Осминафиналето започнува во средината на март. Првите дуели ќе се играат од 16-20 март, а реваншите од 23-27 истиот месец. Вардар е најблизу да игра против Висла Плоцк, а доколку на крајот се испостави дека е четврти на табелата ќе игра против ППД Загреб на Веселин Вујовиќ.