Франција ја победи Австралија (2:1) благодарение на пеналот кој судиите првично не го забележаа.
Во понеделникот Шведска исто така ја победи Јужна Кореа со 1:0 по гол од пенал досуден после ВАР. Перуанците можеа да поведат од белата точка, шанса која што ја добија по прегледување на видео снимка, но Куева промаши пенал.
Австралијците се разочарани што поради ВАР испуштија злато вреден бод. Португалците му се восхитуваат на Роналдо ама и не го забораваат лактот на Диего Коста во лице на Пепе којшто судијата Џанлука Роки ниту со ВАР не го сметаше за фаул ни за картон.
Бразилците се жалат дека судијата не повикал ВАР кога Стивен Цубер го турна со раце Миранда при израмнувачкиот погодок со глава. ВАР пред неколку месеци го воведоа во сериозни првенства како Серија А, Бундеслига и португалската Примеира.
Статистиката во Италија покажа дека:
ВАР бил консултиран 2.023 пати на 397 натпревари при што биле донесени 117 одлуки - 59 пенали, 42 гола и 16 црвени картони. Статистички процентот на грешки на судиите во Серија А без ВАР бил 5,78% а со ВАР 0,89%.
Но не само што се намалени судиските грешки, туку уште поважно количеството на јавни опомени (жолти картони) во Серија А во споредба со предминатата сезона се намалило за дури 12,3%, исклучувањата (црвени картони) намалени за 7,1% и намалена симулација за високи 35,3%.
Притоа ако судиите претходно трошеле во просек по 82 секунди за прегледување ВАР во првите три кола, подоцна се усовршиле на 32,5 секунди од епизода.
„Фудбалерите знаат дека сега повеќе очи го следат секое нивно движење. Ако направат нешто неспортски зад грбот на судијата, казната ќе ги дочека секако“, изјавил поранешен шеф на судискиот комитет во Премиер лигата Кит Хекет.
Бројките и сега на Мундијалот потврдуваат дека ВАР е од корист: после првите 12 меча судиите покажаа вкупно 32 жолти картони и ниту еден црвен. Тоа е најдобар показател од 1986 година.
Во саботата на мечот Србија - Костарика судијата Маланг Дедиу можеше да стане прв кој на Светското дал црвен картон после прегледување на видео снимка но во првиот случај се ограничи на жолт а во вториот реши да не вади никаков картон.
ВАР некому му се допаѓа некому не но едно е сигурно - во фудбалот денес има помалку судиски грешки а тоа значи и поголема праведност.
И што е најважно Светското ја отфрли и најголемата критика поврзана со ВАР - дека натпреварот ќе биде премногу „сецкан“, прекинуван и дека ќе се изгуби темпото на игра а со тоа и убавината на фудбалот. Особено Англичаните се бунеа поради ова но сега се потврди дека судиите многу брзо го гледаат видеото а имаат и помош од кабинет арбитри од горе со кои се советуваат.
Најголемата добивка ја има фудбалот.