Стоперот на Шпанија како дете ги минал сите младински категории на Барселона а во 2004-та замина во Манчестер Јунајтед на инсистирање на Алекс Фергусон. На „Олд Трафорд“ Пике се задржа четири години со помал успех во првиот состав, после што реши да се врати во Каталонија.
Пике бил дел од младинскиот тим на Барса кога Ван Гал бил тренер на првиот тим и Холанѓанецот во една прилика силно го оттурнал Пике на земја и му кажал дека тој никогаш нема да успее во првиот тим затоа што е слаб.
„Никогаш не знаевме дали тој ќе биде тренер на првиот тим кога ќе стигнеме таму. Ме турна, ме фрли на земја. Ми кажа дека не сум бил доволно силен да бидам играч на Барселона. Ван Гал ме уништи. Во Барселона не вежбавме во вежбална до 18 години. Тоа беше тешко да се издржи“, се сеќава Пике за TV3 на деновите од младинските категории во Барса.
По враќањето на „Камп Ноу“ од Манчестер, Пике стана неизоставен дел од одбраната на Барселона. Освои дури шест титули во Ла Лига, три Лига на шампиони како и Светско и Европско првенство со Шпанија.
Неделава Пике беше на насловните страни на шпанските медиуми поради тоа што наводно ги остранил жолто-црвените траки од дресот на репрезентацијата кои го симболизираат шпанското знаме, што се испостави како неточно и дека тоа го сториле неколку играчи за да им биде поудобно во дресот. Пике изјави дека по Светското првенство 2018 во Русија тој ќе стави крај на репрезентативната кариера.