ФИФА го суспендираше стадионот во Лавов од организација на квалификациски натпревари за СП 2018 во Русија, но УЕФА на овој град му даде уште една шанса.
Поради расистички скандирања (не против нас, туку генерално на тема јачање украински национализам и ругање на Русија), влегување во терен и употреба на пиротехника за време на средбата со Македонија на 12 септември, УЕФА денес ги казни Украинците со 58.000 евра и им забрани да користат 5.000 седишта на следниот квалификациски меч.
Пред точно една година, ФИФА ја казни Украина поради расистички испади на навивачите во Лавов кои против Сан Марино го навредуваа Бразилецот Едмар кој игра за нивната репрезентација. Во тековните квалификации, казни заработија Србија, Албанија, Унгарија и Романија, а на тапет кај УЕФА е и Хрватска.
Во квалификациската група Ц, во моментов Украина е трета со 9 бода, колку што има и Шпанија. Нашата репрезентација освои 3 бода на 4 натпревари и е на четвртата позиција.