Цели 14 години чекаа навивачите на скопскиот клуб нивните миленици да се пласираат во третото коло од квалификациите за ЛШ. И синоќа конечно дочекаа.
Општо е познато дека УЕФА богато ги премира учесниците во нејзините натпреварувања, па така Вардар со самото учество во 2. коло обезбеди сигурни 580.000 евра а откако падна најтрофејниот шведски клуб Малме, “Црвено-црните“ ги очекува уште минимум четири натпревари во Европа а тоа дополнително ќе ја наполни клупската каса.
Македонскиот првак сега го чекаат два натпревари против победникот од двомечот Копенхаген - Жилина каде Данците имаат предност од првиот меч во Словачка 1-3.
Самиот настап во овој двомеч, без разлика дали ќе победи или загуби, ќе му донесат на Вардар 420.000 евра.
Можеби најважен факт за тимот на Седлоски е што и во случај да испаднат од данскиот првак ќе одат во баражот (плејофот) за Лига Европа каде има доста атрактивни противници и таму ќе заработи уште 245.000 евра. Сите овие суми се загарантирани а ако се соберат значи дека Вардар летово ќе добие 1 милион и 245.000 евра само од учество, без приходите од телевизиски права, спонзори и продадени влезници.
Би се рекло убаво лето 2017 за Вардар.
ДОЛГА Е РАКАТА НА УЕФА
Но, за да не биде се така како од бајките, Европската фудбалска унија би можела и речиси е извесно дека ќе го казни парично Вардар поради сериозните пропусти во организацијата на мечот на стадионот „Младост“ во Струмица.
Највидлив беше транспарентот на Комити, UEFA MAFIA, парола која што се скандираше неколку пати во текот на мечот испровоцирана од спорните одлуки на украинскиот судија Зебченко.
Делегатот на УЕФА, човек кој на теренот има „снајперско око“ и зумира што се случува, запишал сериозни забелешки во својот тефтер и Вардар ќе оди на Дисциплинска комисија. Четврт судија или делегат на мечот синоќа беше Александар Дердо од Украина кој ги „снимил“ инцидентите пред почетокот на мечот на централната трибина кога имаше гужва меѓу гледачите и редарите.
Дердо во својот бележник веројатно пишал и за фрлањето тврди предмети кон гостинските навивачи од Малме, а тука се и употребата на пиротехнички средства која што УЕФА драстично ја казнува особено во случај како вчера кога со бакља бил погоден фоторепортер долу крај аут-линијата.
Во очи западна и тоа што гледачите од централната трибина имаа „бришан простор“ над тунелот каде влегуваат играчите и судиите, па се пуштија да плукаат и пцујат по судијата Зебченко на полувремето. Тој поради овој испад на навивачите, морал да биде внесен од службените простории од страна.
Овој дуел будно го следеле и контролори на УЕФА делегирани да го испитаат теренот пред квалификацискиот меч Македонија - Албанија во септември кој ќе се игра токму на „Младост“ во Струмица.